Платформа за поддршка на Палестина, составена од неколку организации испратија писмо до премиерот, претседателот и првиот човек на Собранието. Ги прашуваат зошто не соберат храброст и не застанат зад оние кои повикуваат на мир и разум.

Во продолжение целосно соопштението од оваа Платформа.

Следејќи ја внимателно трагичната состојба на цивилното население во Газа, ужаснати сме од молкот, воздржаното гласање за хуманитарната резолуција во ОН и едностраноста на нашите политичари кои во ниту еден момент не собраа храброст да ги исправат своите ставови и да застанат на страната на оние кои повикуваат на мир и разум.

Со оваа наша реакција до претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, до премиерот на Влада, Димитар Ковачевски и до целата Влада, како и до претседателот на Собрание, Талат Џафери, сакаме да ги охрабриме на еден таков чекор и да ги послушаат реакциите на граѓаните кои ги преплавуваат социјалните мрежи со солидарност и повик за прекин на колективното казнување цивили во Газа и непочитување на меѓународното хуманитарно право.

Бројката на жртви во Газа ја надмина онаа на геноцидот во Сребреница, а стотина вработени во меѓународните хуманитарни организации и новинари исто така ги загубија своите животи. За таа цел, им упатуваме листа на барања од граѓаните:

1. Покрај вашата осуда на нападот на Хамас врз цивилните цели, бараме остра осуда на масакрот врз цивилите кој Израел го врши во Газа, со што секојдневно го крши меѓународното хуманитарно право.

2. Апелирајте за итен прекин на неселективното бомбардирање и убивањето цивили во Газа и усвојте декларација во Парламентот со која се повикува на престанок на војната и се дава шанса на мирот. Организирајте комисиска седница и искористете ги сите потребни институционални механизми.

3. Испратете итна медицинска помош во Газа во име на нашата држава и на граѓаните.

4. Обезбедете бесплатно лечење и рехабилитација на повредените дечиња од Газа кои во оваа агресија изгубија делови од своите екстремитети, во болниците во Македонија. (По примерот на кабинетот на претседателот на Р. Словенија)

5. Не потклекнувајте под притисокот за прогон на сите оние кои го креваат својот глас против масакрот на цивили во Газа, за кој денес сме сведоци, а за кој апелираме да престане и да се замени со безусловен мир.