Дел од поентите на министерката за одбрана Славјанка Петровска во интервјуто за Рацин.мк:
– После долги години невложување во одбраната конечно има одбранбен буџет и Армија рамноправна со своите сојузници во Алијансата, компатибилна со Армиите на земјите членки со кои стоиме заедно во одбраната на мирот

– Денеска зборуваме за припадници на Армијата на кои државата им возврати со зголемени примања, со решено станбено прашање, со постојан дијалог за унапредување на правата  и со неверојатни можности за напредок во кариерата
– Солидарноста во НАТО не е само збор, таа е акција

Со министерката Петровска разговараше Зоран БОЈАРОВСКИ

1. Од перспектива на трите години од членството во НАТО и во светлина на најголемата безбедносна криза во Европа после Втората светска војна дали е оправдана одлуката да бидеме членка на Северно-атлантскиот сојуз? Дали ќе беше подобро ако бевме неутрална земја?

– Членството во НАТО е историски успех за Република Северна Македонија, реализација на една од двете клучни стратешки цели околу кои 3 децении постои јасен политички консензус. Тоа е реализирана цел, а дека сме се определиле правилно и дека членството во НАТО за Северна македонија дојде во вистинско време, покажува токму безбедносната криза со која повеќе од една година се соочува континентот. Еве зошто одлуката да станеме членка на НАТО е повеќе од оправдана.

Пред се мораме предвид да имаме две компоненти кои се наша определба од осамостојувањето. Прво, тоа се вредностите кои се наша водилка, начинот на кој  ја развиваме државата и општеството. Уште во далечната 1993 година, кога Собранието донесе одлука за стапување во Северноатлантската Алијанса и го трасираше патот кон НАТО, за нас беше јасно дека државата ќе ја развиваме како западна демократија, која се базира на западните цивилизациски вредности – слобода, еднаквост, рамноправност, правна држава. Од тој аспект е сосема логично државата да има интерес да биде заедно и здружена со други држави кои ги споделуваат истите вредности и од тој аспект, ние несомнено припаѓавме и припаѓаме на НАТО.

Секако, другиот аспект кој има исто толкаво значење е мирот, безбедноста и сигурноста, три елементи без кои не можеме да имаме напредна и функционална држава. Честопати говорев на оваа тема и иако не претпочитам хипотетички состојби, би требало секој од нас да се запраша каква ќе беше безбедноста на државата и дали јасно и гласно ќе можевме да потврдиме дека сме безбедни во овие моменти кога на европскиот континент се води брутална инвазија, конвенционална војна невидена со декади, ако не бевме дел од еден систем на 31 демократска нација, доволно подготвена да се одбрани себе си од секаков безбедносен предизвик. Каква ќе беше безбедноста за нашите граѓани, бизнис-секторот, ако зад безбедноста на секоја педа територија на Северна Македонија не стоеше и нашата Армија, но и Армиите на сојузничките земји, кои патем се земјите кои се најразвиени и најсилни.

Одлуката да станеме земја – членка на НАТО, храброста со која пристапивме во тој процес е еднаква како и одлуката и храброста со која пристапивме на нашата независност. Би рекла, вистинска одлука, во вистинско време зашто максимата која ја имаме во НАТО, „заедно посилни“, не е се само зборови на хартија, туку се реалност на теренот – во мултинационалните сили на НАТО во Латвија, во Бугарија, во Романија, во мисиите на Косово, со заштитата на македонското небо преку „Air Policing“мисијата на Алијансата.

Од аспект на воената неутралност, ниту една земја, колку и да е голема, не може самостојно да се носи со сите предизвици и затоа здружувањето е најдобрата и најефикасна можност

Од аспект на воената неутралност, одговорот може да се најде во однесувањето на традиционално досега воено – неутралните Финска и Шведска. Неиспровоцираната руска агресија врз Украина покажа дека принципите на меѓународното право не се апсолутно почитувани, не се дадени еднаш засекогаш и дека не постојат гаранции дека секоја структура во секоја земја ќе ги почитува. А, резултатот од тоа може секогаш да биде нарушена безбедносна слика и променета геополитичка реалност – токму она на што сме сведоци денеска. Ниту една земја, колку и да е голема, не може самостојно да се носи со сите предизвици и затоа здружувањето е најдобрата и најефикасна можност. Тоа го увидоа и Финска, нашиот најнов сојузник и Шведска, земјата која искрено се надевам дека ќе можеме многу брзо да и посакаме добредојде во големото семејство на нации кои имаат една цел – мир, безбедност и сигурност на граѓаните во НАТО.

2. Дали се остварува планираната динамика за осовременување на борбената готовност на АРМ согласно стандардите на НАТО? 

Армијата е навлезена во еден сериозен процес на модернизација и опремување, процес кој секојдневно го менува нејзиниот лик. Плановите кои ги имавме во поглед на модернизацијата се дел од Долгорочниот план за развој на одбранбените способности и се целосно усогласени со НАТО, односно Целите на способности за Северна Македонија. Инвестираме многу, но инвестираме плански и транспарентно. Постои јавен интерес за овој процес и веруваме дека транспарентноста и отчетноста во поглед на модернизацијата е наша обврска. Ние немаме ниту намера, ниту потреба да се затскриваме зад ништо и затоа можеме јасно и гласно, со факти и аргументи да зборуваме за сите процеси во одбраната, вклучувајќи го и опремувањето.

А, набавуваме системи кои задираат во секој аспект на армиските способности и капацитети. Нови оклопни возила JLTV Oshkosh, дел се веќе пристигнати, дел ќе пристигнат во повеќе наврати. Набавуваме оклопни транспортери Stryker како и францускиот систем за противвоздушна одбрана за мали височини, MISTRAL 3. Го потпишавме и договорот за набавка на артилериски системи од сојузничка Турција. Два транспортни хеликоптери на Армијата Ми-8 се во фаза на ремонтирање, во соработка со Чешка.

Сето ова е можно и нема никаков простор за застој затоа што првенствено договорите кои ги направивме се по принципот Влада-со-Влада, а можеби уште поважно е што сите овие набавки имаат буџетска поддршка, односно за нив имаме планирано доволно средства, низ повеќе години. Во повеќе наврати информиравме дека буџетот за одбраната оваа година е рекордни 275 милиони евра, односно 1,85% од бруто-домашниот производ, а од нив една третина се алоцираат за модернизација и опремување, што е навистина сериозна сума. Одвојувањето на 33% од одбранбениот буџет за модернизација значи и надминување на критериумот на Алијансата од Самитот во Велс во 2014 година за алоцирање на 20% од одбранбениот буџет за оваа намена.

Одвојувањето на 33% од одбранбениот буџет за модернизација значи и надминување на критериумот на Алијансата од Самитот во Велс во 2014 година за алоцирање на 20% од одбранбениот буџет за оваа намена

Планот е одбранбениот буџет следната година да изнесува 2% од БДП, а процентот за модернизација, повторно ќе биде соодветен на нашите потреби. Само на тој начин нашата Армија забрзано ќе може да биде целосно усогласена со новите технологии во оваа област, а опремата која ја користиме ќе биде целосно интероперабилна со онаа на сојузниците.

3. Што добива Северна Македонија за сметка на усогласувањето со стандардите за издвојување од Буџетот? 

После долги години невложување во одбраната, Северна Македонија конечно има одбранбен буџет кој ги сервисира сите армиски потреби, тој е развоен и овозможува силен раст на нашите капацитети. Погледнете ги само бројките, зашто тие не можат да излажат. Во 2015 буџетот бил 94,4 милиони евра, во 2018-та – 100,5 милиони евра, а оттогаш се забележува силна нагорна линија до денешните 275 милиони.

Овие 275 милиони евра се за нас и нашата Армија, за Армијата на Република Северна Македонија. Тоа се пари со кои Армијата секојдневно се зајакнува, се модернизира, за подигнување на стандардот и условите за работа за секој нејзин припадник. Тоа е всушност вниманието кое конечно државата го возвраќа кон Армијата која е гаранција за безбедноста и сигурноста на секој граѓанин на нашата држава.

После долги години невложување во одбраната конечно има одбранбен буџет и Армија рамноправна со своите сојузници во Алијансата, компатибилна со Армиите на земјите членки со кои стоиме заедно во одбраната на мирот

Овие вложувања го градат новиот лик на Армијата на Северна Македонија, рамноправна со своите сојузници во Алијансата, компатибилна со Армиите на земјите членки на Алијансата кои стојат заедно во одбраната на мирот, безбедноста и вредностите на своите граѓани. А тоа значи многу.

5. Каква е разликата меѓу АРМ пред членството во НАТО и АРМ денеска дел од сојузничките воени сили на Алијансата? 

Разликата е огромна. И тоа не се должи само на членството во НАТО туку на вниманието кое го посветивме на два клучни паралелни процеси кои за мене како министерка се подеднакво важни – а тоа е опременоста, модернизацијата на Армијата од една страна, и условите за работа и вреднувањето на работата на секој припадник на Армијата од друга страна.  Да, членството во НАТО им даде светло на нашите потреби, ги извади на површина и ни овозможи да бидеме уште погласни во тврдењата дека за Армијата се потребни и повеќе средства и планови кои се реализираат. Армијата, заради начинот на кој пристапуваме кон нејзините потреби во Министерството, денеска не зборува за недостаток на лична опрема, на униформи, на чизми, на основни средства. Напротив, денес зборуваме за нови оклопни возила, за нови системи за противвоздушна одбрана, за нови артилериски системи, ремонтирани хеликоптери и планови за набавка на нови. Денеска зборуваме за припадници на Армијата на кои државата им возврати со зголемени примања, со решено станбено прашање, со постојан дијалог за унапредување на правата  и со неверојатни можности за напредок во кариерата.

Денеска зборуваме за припадници на Армијата на кои државата им возврати со зголемени примања, со решено станбено прашање, со постојан дијалог за унапредување на правата  и со неверојатни можности за напредок во кариерата

Денес и квалитетот на дискусиите и силата на нашиот збор е поинаква. Седиме на една маса со најсилните и најмоќните и имаме глас кој е слушнат. Денес учествуваме во одлуките кои имаат влијание на глобално ниво и тоа е квалитативно многу различна дискусија. Нашите офицери и подофицери не се само дел од мисиите на Алијансата, тие се во седиштето на НАТО, во командите на Алијансата и се составен дел од сите процеси. Ние сме НАТО и тоа го гледаме секојдневно и тука во Северна Македонија, и во Брисел, и во Монс, и во Торехон…

6. Во една прилика рековте „Не ја внесовме само Армијата во НАТО, туку и НАТО во Армијата“. Што значи тоа? Дали денеска имаме армија според НАТО стандарди? Кои се предизвиците на тој план?

Кога зборуваме за „НАТО во Армијата“, мислиме на стандардот на нашите припадници, на процесите за работа, на опремата со која располагаме. Тоа се клучните сегменти на кои работиме секојдневно и посветено. Минатата година со измените во Законот за служба во Армијата, донесовме низа поволности за секој армиски припадник – од покачување на месечните примања, воведувањето на месечна закупнина за секој припадник на Армијата, можноста за отпремнина за секој професионален војник кој по навршувањето на 45 години старост може да избере и исплата на надоместок во висина од две месечни просечни плати, но не помалку од 1.000 евра за секоја година мината во Армијата, потоа одличните услови за пензионирање, можноста за стипендирање на кадри со критични специјалности… низа на поволности кои припадниците на Армијата ги заслужиле одамна, но заради нашата упорност и посветеност успеавме да ги донесеме во овој период.

Истото се однесува и на вработените во одбраната како категорија која е клучна за одбранбениот систем. Во финална фаза на изработка сме на новиот Закон за вработени во одбраната кој во детали ќе ги утврди нивните зголемени обврски кои произлегуваат од членството во НАТО, но и поволностите кои мора да одат рака под рака со обврските. Во одбраната работат вистински професионалци кои реализираа навистина крупни развојни процеси и тоа преку овој Закон вистински и ќе се вреднува.

Во однос на процесите на работа, ефикасноста е нашата водилка. Одбранбениот систем не трпи импровизации и затоа нашата цел е системот да се развива постојано и да сме во чекор со стандардите во НАТО. Како пример ќе го земам нашиот Регионален центар за односи со јавноста кој е и НАТО партнерски центар. Тој функционира одлично како етаблиран центар кој изведува обуки за односи со јавноста речиси една декада, но сега правиме уште еден исчекор. Првенствено го поставуваме како составен дел од системот за справување со дезинформации во Министерството како еден суштински превентивен капацитет, а истовремено во тек е и негова НАТО институционална акредитација со која тој ќе започне да функционира како НАТО Школа за односи со јавноста. Тоа подразбира и поинаква структура, пополнетост, но и нов Систем за менаџирање на квалитетот кој е гарант дека едукацијата во овој Центар целосно соодветствува со потребите на НАТО и стандардите на Алијансата во доменот на обуката.

Регионалниот центар за односи со јавноста, како НАТО партнерски центар, сега е составен дел од системот за справување со дезинформации во Министерството како суштински превентивен капацитет

Третиот сегмент, како што посочив е опремувањето и модернизацијата, за која веќе зборував. Таа е сеопфатна и навистина и дава нов лик на нашата НАТО – Армија.

7. Кога се кршеа копјата за тоа дали земјата треба да биде членка на НАТО, еден од аргументите „за“ беше дека во алијансата преовладува солидарноста и во однос на поддршката на побогатите и постари земји членки да ги помагаат другите со опрема, знаење и логистика. Дали се остварија овие најави? Дали сте задоволно со поддршката од другите земји членки од овој аспект?

Поддршката од сојузниците и соработката со нив за нас е секојдневие. Солидарноста навистина е силно изразена, и кон нас  како кон една од помновите земји членка на НАТО, но и од нас кон сојузниците кога тоа е потребно.

Неколкупати ја потенцирав нашата одлична соработка со САД, сојузници и стратешки партнери со кои имаме развиено стратешки дијалог. Минатата година САД нè поддржаа со вкупно 137 милиони долари, пари кои ќе бидат вложени во опремување и моденизација на Армијата, што ако  споредиме е половина од нашиот одбранбен буџет за годината. Тоа е сериозна поддршка која не може да се занемари, особено што таа поддршка е наменета за она што нам ни е приоритетно, а тоа е опремувањето. Поддршка во развојот на капацитетите имаме и од други наши сојузници – Обединетото Кралство, Турција, одлична соработка имаме и со Словенија, особено зашто нашите припадници во мултинационалните сили на НАТО во Латвија се дел од словенечкиот контингент, Грција чие воено воздухопловство ја спроведува НАТО „Air Policing“ мисијата над македонското небо итн.

Солидарноста во НАТО не е само збор, таа е акција

И, нашата земја не е единствениот пример за тоа како функционира сојузничката поддршка. По катастрофалните земјотреси во Турција, Северна Македонија беше меѓу првите земји кои испратија лица на терен, 60 наши војници деноноќно пребаруваа и успеаја да извлечат преживеани од под урнатините.

Затоа, велам, солидарноста во НАТО не е само збор, таа е акција.

8. Северна Македонија стана членка на НАТО во едно пресвртно време кога конвенционалните концепти на војувањето се далеку зад нас, а современата технологија отвори други „бојни полиња“ во сајбер просторот? Каква е соработката и размената на искуства на овој план со нашите сојузници? Дали одиме во насока кога ќе можеме да кажеме дека АРМ и нашите воено-безбедносни структури се подготвени и на овој план?

Неконвенционалните закани постојат, тие се видливи и тие внесуваат немир во општеството и кај граѓаните. Целта на овие неконвенционални закани  е да и наштетат на демократијата, на демократските процеси и на довербата која граѓаните ја имаат во институциите.

И нашата држава со ист интензитет како и останатите земји од регионот се соочи со еден ваков тип на неконвенционален предизвик, но и во овој случај можеме да видиме зошто членството во НАТО е корисно. Токму Алијансата служи како катализатор за забрзување и интензивирање на соработката со сојузниците, особено во однос на сајбер одбраната.

Алијансата е катализатор за интензивирање на соработката со сојузниците во однос на сајбер одбраната за да ја добиеме битката со хибридните закани заеднички

Неодамна, во само една недела заменикот – помошник генерален секретар Апатураи беше во Северна Македонија, а потоа во Брисел имавме уште една средба. Разговаравме и ги утврдивме нашите способности и нашите потреби. Процесот продолжува, ќе соработуваме со една или повеќе сојузници во уште посилен развој на капацитетите за сајбер одбрана, а истовремено и ние како земја ќе продолжиме да инвестираме во ваков кадар кој им е повеќе од потребен на сите земји, вклучувајќи ја и Северна Македонија. Во овој контекст, навистина е важно да инвестираме во човечки потенцијал, но и доволно средства зашто борбата со хибридните закани нема да ја добиеме ако не работиме плански и сеопфатно.

9. Достоинствено и цврсто се носите со нападите против вас за кои во едно интервју рековте дека се против вашата личност и дека не се поврзани со вашата работа. Дали не сметате дека и тоа е еден вид хибридна, специјална војна, со која вашите опоненти, всушност сакаат преку вас да создадат сомневање во вредностите на нашите одбранбени политики, во безбедносните структури како што е министерството или АРМ?

Вредноста на политиките кои ги водам во Министерството за одбрана може да се види единствено преку резултатите кои, и покрај обидите на неколкумина кои се занимаваат со лиферување на лажни вести, се видливи и очигледни. И, да, јас бев јасна и гласна уште од првиот момент на руската агресија врз Украина, и тоа некои го протолкуваа како можност да целат кон мојата личност во обид да се намали кредибилитетот на тоа што го говорам, кое подоцна се увиде дека е реалноста. Затоа велам, резултатите од мојата работа се видливи и се погласни од неумесните и неуспешни обиди на некои структури да го минимизираат и анулираат она што е видлив развој.

Ниту еден напад кон мене, нема да ја разниша мојата одлучност одбраната да биде уште посилна и поразвиена, Армијата да биде уште поопремена и позадоволна, државата да биде уште побезбедна, а граѓаните посигурни

И тогаш и сега велам – ниту еден напад кон мене, нема да ја разниша мојата одлучност одбраната да биде уште посилна и поразвиена, Армијата да биде уште поопремена и позадоволна, државата да биде уште побезбедна, а граѓаните посигурни. Тоа е мојата цел, а граѓаните ќе ценат по тоа што сме го сработиле, а не по празните лаги и невистини кои се лиферуваат од јавни говорници.

Превземено од Рацин.мк