Просечната пензија во ноември лани според најновата статистика на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување изнесува 15.449 денари. Но, тој месец на сметките на 63 пензионери легнале околу три ипол просечни пензии. Тоа се лицата кои ја примаат највисоката пензија во државата која изнесува 53.691 денари.
Но, тие се само дел од вкупно 1.310 пензионери кои ги примаат највисоките пензии во државата што се движат од 39.592 до 53.691 денари, во зависност од времето кога е остварено правото. На најголемиот дел од нив пензијата им изнесува 41.244 денари, додека над 51 илјада денари за ноември примиле 258 пензионери.
Од друга страна, според објавената статистика на Фондот од вкупно 324.592 пензионери, колку што ги имало во државата во ноември, една четвртина, или 77.589 се во групата со најниски пензии што се движат од 9.751 до 12.499 денари, во зависност од периодот кога е остварено правото на пензијата. Најниските пензии од помалку од 10.000 денари ги земаат 3.632 лица кои правото го оствариле до 1 јануари 1997 година.
Од пензионерите најголемиот дел, или најмногу 323.411 правото на пензија го добиле како вработени. Меѓу пензионерите има и 1.092 поранешни воени лица, а земјоделска пензија земаат 89 лица.

Бројот на нови пензионери за три поголем од бројот на починати

Во 2019 година Фондот на ПИОМ регистрирал вкупно 324.039 корисници на пензија, што значи дека до еден месец пред крајот на минатата година нивниот број се зголемил за 553. Во ноември бројот на новите пензионери е само за три поголем од бројот на оние кои починале. Или, право на пензија стекнале 2.206 лица, од кои 1.459 се мажи, а останатите се жени, а починале 2.203, од кои дури 1.807 се мажи.

(С.В.)