Претседателката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Ненси Пелоси денеска во тајванскиот Парламент изјави дека оваа островска држава е „едно од најслободните општества во светот“.
Пелоси ја пофали претседателката Цаи Инг-вен и повика на зајакната меѓупарламентарна соработка.Таа таму пристигна доцна синоќа на ненајавено, но внимателно следено патување, велејќи како тоа ја покажува непоколебливата посветеност на САД за самоуправниот остров, за кој Пекинг тврди оти е дел од Кина.

Advertisements

Според Пелоси, сега повеќе од кога и да е, американската солидарност со Тајван е клучна. Како што додаде, американската одлучност да ја зачува демократијата во Тајван и во остатокот од светот и понатаму е цврста.

Таа истакна дека новиот американски закон, насочен кон зајакнување на американската индустрија за чипови во конкуренција со Кина, „нуди поголеми можности за економска соработка на САД и Тајван“.
Пелоси не е првата претседателка на американскиот Претставнички дом, која допатувала на Тајван, Њут Гингрич го посети во 1997 година. Посетата на Пелоси е во момент кога односите меѓу Пекинг и Вашингтон нагло се влошија, во период кога Кина е помоќна економска, воена и геополитичка сила, отколку што беше четвртина век порано.

Кина го гледа Тајван како дел од својата територија и никогаш не се откажа од употреба на сила, настојувајќи да го стави под своја контрола.

САД ја предупредија Кина да не ја користат оваа посета како изговор за воена акција против Тајван.

Американската посета на Тајван на највисоко ниво во изминатите 25 години, Кина ја осуди како закана за мирот и стабилноста во Тајванскиот теснец. Земјата одговори со низа воени вежби, со повик за разговор на американскиот амбасадор во Пекинг и со најава за прекин на увозот на неколку земјоделски производи од Тајван.
Тајванското Министерство за одбрана денеска соопшти дека кинеските вежби со боева муниција околу овој демократски остров неделава, ја покажале намерата на Пекинг да ги уништи регионалниот мир и стабилност.

Според портпаролот на Министерството за одбрана, Тајван го зголеми нивото на подготвеност и ќе реагира на време и соодветно на вежбите.

Долгогодишната критичарка на Кина, особено кога станува збор за човековите права, Пелоси денеска треба да се сретне и со поранешен активист на плоштадот Тјенанмен, книжар од Хонгконг кој беше уапсен од Кина и тајвански активист од неодамна ослободен.