По пауза од три месеци фудбалските фанови повотрно ќе можат да уживаат во најсилното клупско натпреварување во светот, Лигата на шампиони. Осминафиналната фаза ќе ја отворат натпреварите ПСЖ-Баерн Минхен и Милан-Тотенхем.
Дуелот на ПСЖ и Баерн е дерби во оваа фаза. На почетокот на сезоната двата клуба влегоа во натпреварувањето со амбиции да го освојат, но за ПСЖ или Баерн двата натпревари во осминафиналето ќе бидат последни оваа сезона во елитното натпреварување.
Тренерот на ПСЖ, Кристоф Галтиер има проблеми со повреди на играчите, бидејќи во тимот најверојатно ќе го нема Килијан Мбапе, додека Лионел Меси треба да биде подготвен за дуелот. Медиумите во Франција пишуваат дека Мбапе би можел да биде меѓу резервите, но и дека доколку добие шанса да игра тоа нема да се случи пред 70. минута.
Натпреварот меѓу ПСЖ и Баерн се игра од 21 часот во Париз. Реваншот е закажан за 8. март во Минхен.
Од 21 часот на „Сан Сиро“ во Милано ќе започне дуелот Милан-Тотенхем.
Италијанскиот шампион пред три дена го победи Тоирно со 1:0 во Серија А и ја прекина серијата од четири порази во сите натпреварувања. Милан имаше серија од седум меча без победа од 4. јануари, во овој период Милан беше исфрлен од Купот на Италија од Торино.
Тотенхем во натпреварот против Милан влегува по три порази во последните пет натпревари во Премиер лигата. Тотенхем е петти на табелата во Премиер лигата со 39 бодови. Менаџерот на Тотенхем Антонио Конте има сериозни проблеми со составувањето на тимот. Тројца важни играчи од редот за врска нема да му бидат достапни за овој натпревар: Бентакур ја заврши сезоната, Бусима поради повреда нема да игра до мај, а Хојберг е суспендиран.
Реваншот меѓу Тотенхем и Милан е закажан за 8. март во Лондон./Makfax/