За потпретседателот на ДУИ, воедно и министер за надворешни работи, Бујар Османи, евентуалното заминување на АА од Владата на прагот на изборите не е толку релевантно. Според Османи, во јануари треба да се формира техничката Влада која ќе ја сочинуваат повеќе политички партии.

„Мислам дека како што се наближуваат деновите, стануваат малку нерелевантни влегувањата и излегувањата бидејќи наскоро ќе имаме техничка влада. Доколку, хипотетички, во мај имаме парламентарни избори, ние на почетокот на јануари треба да имаме техничка влада. Тогаш и ВМРО-ДПМНЕ ќе влезе во Влада, сите ќе влезат…“, изјави Османи, пренесува ТВ 21.

Ваквиот одговор следува откако првиот човек на АА, Арбен Таравари најави излегување од влада, доколку уставните измени не се усвојат до крајот на оваа година.

„Кога сите ќе се откажат дека нема да се усвојат уставните измени, имаме обврска како партија да го свикаме собранието на партијата, да седнеме и да разговараме дали ќе продолжиме или ќе излеземе од Влада. Ќе бидеме на оваа или на другата страна.“, рече Таравари.

Меѓутоа првиот човек на АА, Арбен Таравари, најави дека пред донесувањето на конечната одлука ќе се сретне со различни амбасадори во земјава, како и ќе се консултира со членовите на Собранието на партијата.