Претседателката на Косово, Вјоса Османи, на денешната средба со амбасадорите на САД, Велика Британија и ЕУ, побара во патоказот за спроведување на договорот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија, да се земат предвид ставовите на Парламентот на Косово „за неповредливоста на границите, суверенитетот, територијалниот интегритет, уставноста и функционалноста на државата Косово“.

На средбата се разговараше за последните случувања во Косово, дијалогот со Србија, следните чекори, како и за тековната координација на косовските институции со сојузниците, се наведува во соопштението од кабинетот на претседателката на Косово.

Османи истакна и дека Косово продолжува да биде конструктивна страна во дијалогот со Србија и посветено на процесот кој придонесува за мир, безбедност и одржлив просперитет во земјата и регионот.

Средбата е дел од редовните консултации кои косовската претседателка ги има со дипломатските претставници на САД, Велика Британија, Германија, Франција и Италија, како и со шефот на канцеларијата на ЕУ во Косово.