Постои цврста врска меѓу ОБСЕ и Европската Унија. Сите земји-членки на ЕУ се и земји-учеснички на ОБСЕ, што создава поволен простор да работиме заедно во исполнување на нашите заеднички обврски, истакна министерот за надворешни работи Бујар Османи и претседавач со ОБСЕ на состанокот со шефовите на делегациите на земјите-членки на ЕУ во седиштето на Обединетите нации во Њујорк.

Османи, како што соопшти МНР, ги претставил клучните приоритети и области во кои ОБСЕ и ЕУ можат да соработуваат – обезбедување мир во Европа преку ставање крај на војната во Украина преку употреба на механизмите и ресурсите што ги поседуваат и ОБСЕ и Унијата за одговор на сите безбедносни предизвици.

-Ја цениме поддршката, отвореноста и конструктивноста од земјите-членки на ЕУ за најактуелните прашања во врска со предизвиците и приоритетите на Претседателството. Во овој контекст, политички ќе ја продолжиме блиската соработка во рамките на ЕУ, но и на национално ниво ќе продолжиме да ги координираме нашите позиции со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, нагласил Османи.

Османи пред шефовите на делегации на ЕУ ги претставил приоритетите на Претседателството на Северна Македонија со ОБСЕ, како и прашањата од доменот на функционалноста на Организацијата.

-Северна Македонија обезбедува политичко раководство на ОБСЕ, стремејќи се да придонесе во клучните процеси за севкупната европска безбедност. Без разлика колку се вознемирувачки и обесхрабрувачки последните случувања на терен, ние ќе продолжиме упорно да работиме на дипломатско решение, потенцирал Османи.

За повторно враќање на целосната функционалност на ОБСЕ, Османи побарал поддршка и од ЕУ, при што истакнал дека новите предизвици бараат зајакната соработка меѓу ОБСЕ и ЕУ.

Османи на состанокот информирал и за неговата неодамнешна посета на регионот на Јужен Кавказ во својство на Претседавач со ОБСЕ и за претстојните планови и зошто силна и обединета Организација е клучна за зачувување на стабилноста и обезбедување на одржлив мир во поширокиот регион на ОБСЕ.