Министерот за надворешни работи Бујар Османи, денес, во Брисел учествуваше на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки на Европската Унија и на земјите од Западен Балкан во рамки на Советот за надворешни работи, со кој заседаваше Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Жозеп Борел.

Во фокусот на разговорите беа актуелните состојби во земјите од Западен Балкан и нивните евроинтегративни процеси во контекст на неоправданата руска агресија врз Украина.

Османи ја реафирмираше доследната позиција на нашата држава како веродостоен партнер на ЕУ во спроведувањето на надворешната полтика на ЕУ и на трансатлантските партнери, потсетувајќи дека, во однос на Украина, Северна Македонија целосно го поддржа пристапот на ЕУ, давајќи голема воена, економска и секако, политичка поддршка на нејзината независност и сувереност, но и на нејзиниот европски пат.

„Руската агресија врз Украина ја истакна итноста да се комбинира внатрешната и трансформативната природа на политиката на проширување заедно со нејзината неизбежна надворешно-политичка димензија. Наш заеднички интерес е да ги истражиме најефикасните начини како да го потиснеме влијанието на недемократските трети земји во срцето на Европа. Потребна е стратешка решеност за забрзана интеграција на регионот во ЕУ.“ – заклучи министерот Османи.

Османи нагласи дека Северна Македонија не само што вложува максимални напори за исполнување на критериумите за членство во Унијата, туку стана пример во целиот регион со културата на дијалог и компромисното решавање на отворените прашања.

„Иако не сме директно на бојното поле, сепак сме на бојното поле на наративи и дезинформации и мораме да ги избегнеме овие обиди и да се отвориме за можности преку помирување, дијалог, надминување на наследството од минатото и решавање на споровите со разбирање, почит и заемно прифатливи решенија.“ – подвлече Османи.

На маргини на состанокот на Советот за надворешни работи на ЕУ, Османи оствари билатерална средба со еврокомесарот Оливер Вархеји, на која стана збор за одличниот тек на процесот на скрининг и потребата од усвојување на уставните измени со цел продолжување на пристапните преговори по забрзана нагорна линија.

Во рамки на работната посета на Брисел, министерот Османи се сретна со директорот за стратешки политики на Бриселскиот тинк тенк Пријатели на Европа (Friends of Europe), Дармендра Канани, со кого потпишаа Меморандум за соработка во однос на организацијата на Преспа форумот за дијалог, кој оваа година се одржува на 15 и 16 јуни во Струга. Соработката со овој престижен тинк тенк доаѓа на нивна иницијатива и претставува уште една потврда за позитивниот имиџ и етаблираноста на Преспа форумот за дијалог во регионот и  Европа.