Претседателот Стево Пендаровски за утре напладне го свика Советот за безбедност, на кој ќе се разгледува модифицираниот француски предлог за почеток на преговорите за членство на земјава во Европската унија, пенесува Алсат.

Како што објави Алсат, Советот за безбедност се состанува откако вчера Министерството за надворешни работи ѝ предложи на Владата да го прифати предлогот на Париз, со што продолжува најавениот широк консултативен процес.

Според шефот на дипломатијата Бујар Османи, евентуалното одбивање на предлогот ќе означува „заглавување во балканската кал“ и губење на евро-перспективата засекогаш. Тој порача дека е потребна државничка одлука.

„Ќе почнат тука тензии меѓуетнички, ќе почнат тензии меѓу различните категории граѓани, ќе ја имаме најтешката година оваа зима, со енергијата, со храната, заради глобалната криза и во услови кога светот е во војна ние да зборуваме со лажни интерпретации дека некој ќе нè бугаризирал, кога од нас зависи. Никој нас не може да нè натера да прифатиме нешто, во никоја форма, за било што. Мислам ќе биде неодговорно и е срамно за вакви прашања да се води партиска политика за да некој стане министер или премиер“, рече Бујар Османи – министер за надворешни работи.

Османи додава дека има позитивен впечаток кон прифаќање на предлогот по вчерашната средба на коалициските партнери во Владата и очекува наскоро лидерите на партиите повторно да се состанат и да ги соопштат официјалните ставови, откако ќе се произнесат нивните партиски органи.