Генералниот директор на нуклеарната централа Запорожје, која беше окупирана од Русија, Ихор Мурашов, е ослободен, соопшти шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија Рафаел Гроси. Тој го поздрави ослободувањето на Мурашов, велејќи на Твитер дека добил потврда оти „безбедно се вратил кај своето семејство.“
Меѓународната агенција за атомска енергија побара ослободување на Мурашов во текот на викендот по извештаите дека бил киднапиран од руска воена патрола додека патувал помеѓу фабриката и градот Енерходар. Остана нејасно за што бил приведен Мурашов. Руските власти не го коментираа неговото апсење. Нуклеарката и нејзината околина се под контрола на руските сили од март, но со нив управува украински персонал.