Опозициските партии во Косово оценуваат дека Владата целосно потфрлила во текот на 2022 година, не нудејќи им решенија на граѓаните во економската и енергетската криза, создавајќи нови кризи. Од друга страна, од Владата велат дека 2022 година била година на успеси, но и на предизвици. Пратеникот на Демократската партија на Косово, Рашит Ќалај, за „КосоваПрес“ изјави дека Владата на Косово нема направено никаква позитивна работа во текот на 2022 година.
„Соочени сме со бројни проблеми поврзани од големата криза што ја зафати нашата земја и која ги зафати сите слоеви. Имавме и имаме проблеми со енергијата, со цените кои бескрајно се покачуваат. Имавме деградација на економската состојба на населението. Денес граѓаните на Косово се многу посиромашни отколку пред 1 година“, рече РАШИТ ЌАЛАЈ, ДПК.
Најостра критика за работата на Владата на Косово упати пратеникот на АИК, Пал Лекај.
„Нема ниту една одлука што оди во прилог на граѓаните, било економски развој, било енергетската криза или кризата на северот, кои се суштински за една држава. Оваа влада годинава ќе остане запаметена само по ад-хок ставови и по креирање кризи. Дури и тие кризи што ги создаде, не ги реши на вистински начин“, рече ПАЛ ЛЕКАЈ, АIК.
Од друга страна, премиерот на Косово Албин Курти, 2022 година оцени дека била успешна година.
„Многу сме среќни што ќе имаме економски раст од 4 отсто од бруто домашниот производ, откако ќе се отстрани инфлацијата. Минатата година имавме 10,7% од Бруто домашниот производ, а извозот годинава е зголемен за 22%, приходите од царина се зголемени за над 11%, даночните приходи се зголемени за речиси 22%, а странските директни инвестиции се зголемени за 47%“, Албин Курти.
Во меѓувреме, аналитичарите оценуваат дека Владата на Косово во текот на 2022 година се соочила со повеќе предизвици како резултат на влијанието на војната во Украина и директното влијание врз порастот на инфлацијата и зголемувањето на цените и животниот стандард на граѓаните.