Општинската изборна комисија Тетово денеска ги додели уверенијата за новоизбраните советници по вонредните избори за членови на Совет на 20 август. На изборите за членови на Советот на Општина Тетово од 84.071 граѓанин со право на глас, гласале од 29.690 избирачи или 35,31%.

-На изборите за членови на Советот на Општина Тетово, Движење Беса има најмногу 12 советници, ДУИ има 11 советници, ВМРО-ДПМНЕ има четири советници, СДСМ двајца и по еден советник имаат ДПА и Алтернатива. Другите кандидатски листи немаат доволно гласови за советници, изјави Назми Даути, секретар на ОИК Тетово.

Во изјави за медиумите дел од советниците посочија дека се уште е рано да се зборува за формирање на мнозинство.

-Ќе работиме во интерес на граѓаните на Тетово во реализација на програмата и проектите кои ги ветивме на граѓаните. Се надевам дека деновиве ќе се знае мнозинството и мислам дека во законскиот рок ќе го дознаете и мнозинството. Во Тетово опозицијата на централно ниво, победи на локално ниво. Опозицијата го има мнозинството, се надевам дека тоа мнозинство ќе расте и дека нема да имаме кочници од другите политички партии, изјави Ангел Карапетров од ВМРО ДПМНЕ.

-Секогаш сме подготвени како политички субјект кој има мнозинство, во сегашниот совет да биде конструктивен и со другите политички партии кои имаат легитимноста. Со другите зборови оние политички партии кои го имаат добиено мнозинството во македонскиот политички блок секогаш ние треба да покажеме конструктивност за да го почитуваме одлуката на народот, изјави Беса Кадриу од Движење Беса.

Од советничката група на ДУИ сметаат дека според резултатите ќе бидат опозиција во Советот.

-Ќе бидеме една силна опозиција со СДСМ, ДПА и со Алтернатива. На новото мнозинство во Советот на Општината му посакуваме многу успеси во тој случај. Сакам да ве уверам дека ДУИ ќе биде конструктивна политичка сила. Ќе поддржиме сите проекти за доброто на граѓаните и ќе ги поддржиме иницијативите за добро на градот, изјави Лиридон Диша од ДУИ.

Советот на Општина Тетово има 31 советник. Според законските прописи од денот на доделување на уверенија има рок од 20 дена да се свика конститутивна седница.