Финалето во Лигата на шампионите меѓу Манчестер Сити и Челзи ќе се игра на стадионот Драгао во Порто, иако првично Истанбул беше планиран да биде домаќин на мечот за највредниот трофеј. Официјалната потврда од УЕФА се очекува многу скоро.

Кога стана јасно дека стадионот „Ататурк“ во Истанбул нема да биде домаќин на финалистите во елитното натпреварување поради ситуацијата со коронавирусот, УЕФА брзаше да најде ново решение.

Со оглед на тоа што англиските клубови играат во финалето, идејата беше да се одржи на Вембли, но поради строгите мерки во Велика Британија, таа идеја пропадна.

На крајот беше одлучено втората година по ред борбата за пехарот да се води во Португалија, која се наоѓа на зелената листа на Обединетото Кралство кога се во прашање патувањата. После Лисабон и Луз минатата сезона, овој пат Драгао ќе биде домаќин на најголемиот натпревар од европскиот фудбал во Порто.

УЕФА води интензивни разговори со португалските власти за да се дозволи присуство на 20 000 луѓе на трибините (вкупниот капацитет на стадионот е 50 000). Повеќе за тоа ќе се знае во наредните денови.

Финалето е закажано за 29 мај.