Швајцарскиот скијач Марко Одермат постави рекорд по бројот на освоени поени во една сезона во Светскиот куп. Одемарт победи на последниот велеслалом во сезоната, во Солде.
Освојувачот на големиот Кристален глобус славеше со резултат 2:19.64 минути и далеку зад себе ги остави Хенрик Кристоферсен и Марк Шварц. Норвежанецот беше побавен за 2,11 секунди, додека Австриецот за 2,29 секунди. По седмата победа сезонава во велеслалом, 25. годишниот Одермат освои 2.042 бода во генералниот пласман во Светскиот куп, со што го собори рекордот од 2.000 бодови кој 23 години беше во сопственост на легендарниот Австриец Херман Мајер.
Одермат, сепак, не успеа да го собори вкупниот рекорд на бодови кој го држи словенечката скијачка Тина Мазе, која освои 2.414 поени кога ја освои женската титула во 2013 година. Исто така, ова беше 13. победа на Швајцарецот во Светскиот куп оваа сезона. Тој го израмни рекордот на Швеѓанецот Ингемар Стенмарк (1979), Херман Мајер (2001) и Марсел Хиршер (2018). Сезоната во Светскиот куп за скијачи завршува утре со слаломот во Солде.