Турција утрово се разбуди во шок откако разорен земјотрес со јачина од 7,8 степени според Рихтер го погоди југоисточниот дел на земјата и северна Сирија. Епицентарот беше на 26 километри од градот Нурдаги и на околу 33 километри од градот Газиантеп.
Се верува дека стотици луѓе сè уште се заробени под урнатините и се очекува бројот на жртвите да расте. Спасувачките екипи продолжуваат да пребаруваат низ урнатините во градовите и населбите низ целата област. Во Турција и Сирија се во тек операции за спасување на луѓето затрупани под урнатините под зградите. Од двете страни на границата жителите спиеле кога се случил земјотресот.
А, додека траеја спасувачките операции, околу пладне се случи нов силен потрес од 7,6 степени, во близина на стариот епицентар.
Продолжува расчистувањето на урнатините во многу згради лоцирани во подрачјето на земјотресот. Не знаеме колку ќе се зголеми бројот на жртви и повредени.
Според првичните информации, уништени се околу 3.000 згради. Во текот на целиот ден имаше многу афтершокови.
Во соседна Сирија, земјотресот ги погоди регионите под контрола на опозицијата, дом на речиси 4 милиони раселени од другите делови на Сирија.
„Кога стигнавме до влезот на зградата, таа целосно се урна врз нас. Господ нè спаси. Ни падна дрвена врата која нè спаси. Моите три деца се тука со повреди на главата и лицето, а ќерка ми се спаси неповредена. И мојата сопруга има рани на главата и лицето. Зградата има четири ката, ниту еден од луѓето на другите три ката не преживеаја“, рече Осама Абдилхамид, преживеан.
„Веруваме дека сè уште има многу заробени под урнатините. Цивилната одбрана и другите агенции и армијата ни помагаат да ги спасиме граѓаните“, додаде Амер Исмаил, градоначалник на Латакија, Сирија.
Белата Куќа веднаш понуди помош. Слично поставија и Европската Унија и Израел. Русија и Украина привремено го заборавија својот конфликт, фокусирајќи се на катастрофата. Москва објави дека два авиона Иљушин и 100 спасувачи се подготвени да заминат за Турција доколку е потребно. Украинскиот претседател Володимир Зеленски исто така изјави дека Киев е спремен да понуди помош, исто како и Полска и Индија./Алсат.мк
Шкелзен Акифи