Ден пред Косово и Србија да започнат реципроцитет за откажување од издавањето посебни документи за влез и излез за нивните државјани кои ја преминуваат границата, на преминот Јариње од српска страна, осамна известување. Во него пишува дека оваа одлука за минување на границата со документи за идентификација издадени од Косово се прави „од практични причини“ за да се олесни слободата на движење, врз основа на Договорот за слобода на движење што страните го постигнаа на дијалогот во Брисел во 2011 година.
„Ова не може да се толкува како признавање на еднострано прогласената независност на Косово; не го прејудицира утврдувањето на конечниот статус на Косово; не може да се толкува како откажување од Белград од правата дадени според Резолуцијата 1244 од 1999 година на Советот за безбедност на Обединетите Нации“, стои во известувањето на Јариње.
На 27 август Косово и Србија постигнаа договор за укинување на овој документ за влез и излез. Србија цели 11 години издава вакви документи на државјаните на Косово при влез во Србија. Косово само неколку часа на 1 август го примени овој дел од Договорот за слобода на движење од 2011 година. Од 1 септември се очекува да стапи во сила и одлуката за пререгистрација на автомобилите со регистарски таблички издадени од Србија.
Се проценува дека на северот на Косово, населен со мнозинство Срби, сообраќаат околу 10.000 автомобили со регистарски таблички со кратенки на градовите на Косово – како ПР, ПЗ, КМ, УР и слично – што Косово ги смета за незаконски. Владата на Косово соопшти дека од 1 септември до 31 октомври граѓаните кои имаат автомобили со вакви регистарски таблички ќе можат да ги пререгистрираат со нови на кој ќе го има знакот РКС, односно Република Косово. Но, Србија бара Србите на северот на Косово да користат таблички КС – кои имаат неутрален статус во однос на државноста на Косово. Но, премиерот Албин Курти ваквиот предлог го отфрли.
Шкелзен Аќифи