Од утре, а најдоцна задутре цените во маркетите на лебот, млекото, месото, тестенините… односно на 24 категории производи треба значително да поевтинат, некои и над 30 отсто од сегашните цени, односно 10 отсто во однос на нивото што беше на 1 август, што се зема како референтна вредност. Мерката ќе трае до крајот на ноември, но доколку е потребно ќе се продолжи, а се очекува покрај денес објавените производи во наредниот период да бидат вклучени и други, за што се водат разговори со производителите и трговците.
Министерот за економија Крешник Бектеши денес на прес конференција соопштувајќи ги производите кои ќе поевтинети, рече дека за оние кои нема да ја почитуваат одлуката на Владата, ќе бидат преземени мерки, вклучувајќи и затворање на продавниците од страна на Државниот пазарен инспекторат, за што има и сега можности, а наредната недела ингеренциите на инспекторите дополнително ќе бидат зајакнати.
„Донесена е одлука за определување на цените на мало како и обврска на трговците кои претставуваат правни и физички лица и се регистрирани за вршење дејност производство и трговија на големо“, рече Бектеши, додавајќи дека откако ќе биде објавена во Службен весник ќе биде обврска на сите трговци на мало да ги применат тие цени согласно референтниот датум 1 август.