Од самопромоција преку дезинформации до слаба комуникација со граѓаните, политичарите изминатата година во голема мера ги користеа социјалните медиуми но, како што посочуваат експертите, постигнатата цел е промашена.

Комуникологот Сеад Џигал за МИА оценува дека иако политичарите минатата година го задржале темпото и во голема мера ги користеле социјалните мрежи, повеќето од нив и покрај тоа што не ги креирале сами своите содржини, не комуницирале ниту со граѓаните.

-Во изминатата година продолжија воспоставените трендови на домашните политичари и партии во користењето на социјалните мрежи, без некои поголеми промени. Ова најчесто вклучуваше форсирање на промотивни содржини за нивните активности, како што се фото-галерии и видеа од настани, пораки и ставови за важни настани, како и реакции на разни случувања или изјави на нивните конкуренти. Најчесто овие пораки и содржини беа упатувани и прилагодувани за нивните поддржувачи, а поретко беа за граѓаните, генерално. Мора да се напомене дека при анализа на овие пораки се потврдува дека мал дел од политичарите навистина сами ги креираат пораките и директно комуницираат со граѓаните. Најчесто тоа го прават „админи“ и други вешти менаџери на нивните профили и страници, што е навистина штета во однос на можностите што ги даваат социјалните мрежи за директно комуницирање и интеракција со корисниците, вели Џигал.

Социјалните мрежи прераснаа во омилена алатка на политичарите преку која континуирано ги споделуваат своите активности, мисли или пак критики кон политичките противници. Сепак, професорката и медиумски експерт Марина Тунева посочува дека и покрај тоа што социјалните мрежи се користат активно, пристапот на политичарите во државата не се заснова на добро осмислена комуникациска стратегија.

– Забележлив е и недостигот на ефективна двонасочна комуникација. И покрај тоа што социјалните мрежи нудат интерактивност, се чини дека отсуствува вистинскиот дијалог со јавноста. Овие платформи многу повеќе се користат како средство за „емитување“ информации, со пристап ‘одозгора надолу’, наместо да послужат за впуштање во активен дијалог со граѓаните, истакнува Тунева за МИА.

Комуникологот Бојан Кордалов е согласен дека политичарите ја промашуваат целта при користењето на социјалните мрежи.

Тие, вели тој, ги сметаат социјалните медиуми како уште еден канал на којшто треба да бидат и да покажат што сработиле, односно да покажат што ќе сработат ако дојдат на власт.

-Има две во наводници лоши вести за политичарите. Првата е, ја завршуваме редовната годишна анализа која што ја прави ИДУЕП (Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи) за тоа како политичарите на функции или јавните функционери ги користат социјалните медиуми и досега резултатот е дека нема никаква промена. Знаете, кога немате никакво подобрување, автоматски значи дека назадувате во присуството и уште повеќе дека квалитетот опаѓа, посочува комуникологот.

Тоа, како што потенцира, не носи до втората лоша вест за политичарите дека тие ако мислат дека само ќе окупираат уште еден простор на кој што ќе се обидат да се наметнат, резултатот ќе го нема.

Социјалните медиуми прераснаа во најефективна алатка за политичка самопромоција

Малку информации, многу дезинформации, содржини за себепромоција без потребната суштина- политичката реторика на социјалните медиуми, според експертите, има потреба од подобрување.

Марина Тунева посочува дека евидентен е недостигот на сеопфатен и суштински пристап во ширењето информации.

-Политичарите честопати ги користат социјалните мрежи за да објават информации за настани, да пренесат  ставови за неодамнешни случувања, за критика кон опонентите, итн. Голем дел од комуникацијата се однесува на самопромоција или промоција на агендата на партијата, наместо на урамнотежен поглед на нештата или сеопфатни информации. Објавите се честопати кратки и немаат длабочина, не обезбедуваат контекст или детални објаснувања за политиките, одлуките или влијанијата во општеството, подвлекува таа.

Тунева вели дека во развиените демократски општества политичарите сè почесто ги користат социјалните мрежи за да ја едуцираат јавноста за сложени политички прашања или, пак, за да одговараат директно на прашањата што ги имаат граѓаните, но дека кај нас тоа не е случај.

-Фактот дека кај нас реалноста е поинаква се потврдува и со резултатите од неодамнешни истражувања, според коишто на политичарите се гледа како на едни од најголемите дезинформатори во државата. Од минатогодишното истражување на Институтот за комуникациски студии произлегува дека речиси половина од испитаниците ги карактеризираат политичките партии како најголеми дезинформатори во државата. На истото се укажува и во истражувањето на Метаморфозис од минатата година, од коешто произлегува дека граѓаните ги идентификуваат политичарите како едни од главните извори на дезинформации, истакнува Тунева.

Затоа, вели Тунева, овој јаз меѓу потенцијалот на социјалните медиуми за конструктивна политичка комуникација и нивната сегашна употреба ја нагласува потребата за стратешка промена кон поинформативна, транспарентна и етичка употреба на овие платформи од страна на политичарите.

Комуникологот Џигал, пак, посочува дека кога станува збор за објавите на социјалните мрежи има и друг предизвик, а тоа дека граѓаните се ставени во позиција сами да ги толкуваат и филтрираат содржините.

-Забележителен е трендот политичарите често да ги користат социјалните мрежи како примарни канали за упатување на одредени клучни пораки и реакции, особено оние од помалите партии кои редовно ги користат наместо соопштенија или други форми на обраќања до јавноста. Ова има своја позитивна страна со тоа што ја зголемува достапноста и отвореноста на политичарите кон јавноста, но од друга страна со ова тие истовремено ги заобиколуваат новинарите и медиумите, кои можат со своето искуство да филтрираат одредени пораки, да ги стават во контекст и да ги дополнат ваквите пораки со други клучни информации. На овој начин, граѓаните се ставени во позиција сами да ги толкуваат и филтрираат содржините, што е секако сериозен предизвик. Се покажува дека поради слабата медиумска писменост кај нас ова често резултира со полесно манипулирање на пораките до јавноста и избегнување на непријатните прашања, појаснува Џигал.

Во пресрет на изборите, политичката реторика на социјалните мрежи се „вжештува“

Од сексизам до етничка нетрпеливост, политичкиот наратив се повеќе се интензивира и најлесно шири негативни појави на социјалните мрежи, особено во предизборниот период.

-Како што се наближуваат изборите, така се менува и тонот и содржината на комуникацијата. Овој период честопати сведочи за засилување на елементите на поделба. Таквите трендови не само што се очигледни во објавите на политичарите, туку сè поизразени стануваат и во коментарите на социјалните мрежи, каде што се водат жестоки дебати, преплавени со говор на омраза, дискриминација, национализам, истакнува Тунева.

Според неа, зголемениот интензитет и негативноста во предизборната реторика, особено во онлајн сферата, води до нетрпеливост и фрустрација кај граѓаните.

-Многумина се разочаруваат од политичкиот процес, гледајќи го многу повеќе како конфронтативен, а многу помалку како конструктивен одговор на суштинските прашања и потреби, смета Тунева.

Џигал и Тунева оценуваат дека политичарите во земјава комуницираат со граѓаните како да се постојано во предизборна кампања.

-Реториката што ја користат политичарите на социјалните мрежи навистина создава една атмосфера која потсетува на вечна изборна кампања. Набљудувајќи ги наративите на социјалните мрежи, се добива впечаток дека политичарите постојано ги „мобилизираат“ своите поддржувачи, ги нагласуваат своите достигнувања и даваат ветувања слични на оние за време на изборни кампањи. Овој постојан „режим на кампања“ подразбира дека недостигаат суштински политички дискусии, детални анализи или дијалози за сложени прашања, истакнува Тунева.

Ова, според неа, ја прави јавноста презаситена и уморна од она што вообичаено се перципира како пропаганда.

– Освен тоа, таквиот стил на комуникација дополнително придонесува кон политичката поларизација. Јазикот што се користи честопати е насочен кон мобилизација на поддржувачи и зацртување остри линии на контраст со политичките противници, наместо да се поттикнува инклузивен дијалог или да се бара заеднички јазик, смета таа.

Џигал оценува дека изминатиот период се забележува заострување на наративите на политичарите.

– При секое приближување на изборите се забележуваат промени во нивниот тон, тематика, пораките стануваат почести, поостри и постепено од информирање се трансформираат во пораки кои целат кон мобилизирање и мотивирање на граѓаните да им ја дадат својата поддршка со посета на партиски настани и собири, да се вклучат во одредени акции и секако да гласаат за нив на изборниот ден. Нивните наративи во овие фази се заоструваат и почесто се однесуваат на политичките противници, преку кои се упатуваат разни напади, критики и обвинувања. Може да се каже дека нивната комуникација во овие фази станува забележително поларизирачка, што е за жал негативна појава која го слабее политичкиот дијалог и натпреварот на идеи и програми, а ја зајакнува конфликтуозноста помеѓу партиите и во јавноста, појаснува Џихал.

Различните форми на нетолерантен говор од политичарите, исто така, се сериозен проблем, вели Џигал.

Тој истакнува дека многу често говорите на политичарите поттикнуваат националистички, расистички, шовинистички и екстремистички пораки на нивните поддржувачи на социјалните мрежи и пошироко во јавноста.

-Често во кампањите се напаѓаат и противниците на родова основа, што е навистина многу загрижувачки. Ваквата запалива реторика станува сѐ почеста, поради тоа што полесно ги мобилизира граѓаните за некаква посакувана акција и им носи брзи резултати на политичарите на терен. Но, овој вид на остра реторика е меч со две острици кој може да го наруши чувствителниот баланс и на меѓупартиски, но и на меѓуетнички план. Сериозен проблем е и тоа што партиските поддржувачи ваквите агресивни наративи и запаливи реторики ги користат како некаков вид на докажување на верноста и заслугите за своите партии, што е многу опасна и негативна појава, вели Џигал.

Претходно, Кордалов во интервју за МИА зборувајќи за политичарите и социјалните мрежи оцени дека политичарите и политичките партии одамна имаат кампањи на Фејсбук, X, Инстаграм, но и на ТикТок, апликација што најчесто ја користи помладата популација во пресрет на изборите за претседател и параламентарните избори следната година.

Податоците содржани во извештајот на меѓународната платформа Datareportal укажуваат дека на почетокот на годинава, во државата имало 1,20 милиони корисници на социјални мрежи, што е еднакво на 57,5 проценти од вкупното население. Фејсбук останува најпопуларна платформа, додека, Инстаграм, Линкедин и Твитер, исто така, имаат значајни кориснички бази.