Шпанските медиуми објавија детали од договорот меѓу Лионел Меси и Барселона пред неколку дена.

Деталите за договорот на Меси ја шокираа фудбалската јавност затоа што беше објавено дека Меси ќе инкасира дури 555 милиони евра за договор на четири сезони. Договорот е потпишан во 2017 година и важи до летото оваа година.

Меси заработува 138 милиони евра годишно во Барселона, без вклучени дополнителни бонуси. Аргентинецот најави тужба против луѓето кои го објавија сето тоа, и тврди дека само пет лица знаеле што пишува во тој договор.

Сепак, Ел Мундо и денес продолжи да објавува доверливи информации од договорот на Меси, и овој пат тие објавија некои од клаузулите содржани во него.

Наводно, постои клаузула дека Меси може да оди бесплатно во случај Каталонија да добие независност, и дека Барселона игра во неконкурентна лига. Забрането му е да вози мотоцикли, џет-скии и други ризични уреди и да користи какви било забранети супстанции.

Една од клаузулите е дури и дека Меси нема право да се жали на позицијата на теренот каде што го става тренерот и тој има обврска да работи на себе максимално и да ја одржува физичката подготвеност на највисоко ниво.

loading…