Свечено се колнам дека ќе ја исполнувам мојата функција како претседател на САД и оти на најдобар начин ќе го заштитувам и чувам Уставот на Соединетите Држави. Господ да ми помогне.

 Американците денеска добија нов претседател во Белата куќа. Џо Бајден положи заклетва како 46-ти претседател на Соединетите држави. Во својот прв говор тој нагласи дека светот увидел дека демократијата е кревка, но оти победува.

– Advertisement –

 „На ова свето место пред неколку денови имаше насилство кое ги потресе темелите на Капитол. Се обединуваме како еден народ под Бога за да се изврши мирна транзиција на власта како што се правело повеќе од два века.  Светот нè гледа. Ова е мојата порака: Америка е ставена на тест. Но, ќе ги обновиме сојузништвата. Ќе се водиме не според моделот на нашата моќ, туку според нашиот пример.“

 Церемонијата се одржа на скалите на Конгресот на САД, напладне според локално време. Заедно со Бајден, заклетва положи и потпретседателката, Камала Харис.

Досегашниот претседател Доналд Трамп не присуствуваше на церемонијата на Бајден. Тој заедно со првата дама, Меланија, ја напуштија Белата куќа неколку минути по 8 часот локално време.

 Иднината на оваа земја никогаш не била подобра. На новата администрација ѝ посакувам многу среќа и голем успех. Мислам дека ќе успеат затоа што имаат основа да направат нешто навистина спектакуларно. Работите што ги направивме беа неверојатни и не би ги сторил без вас. Збогум! Ве сакаме. Ќе се вратиме во некоја форма.

А, Бајден уште денеска планираше да потпише десетици извршни наредби за укинување на некои одлуки на Трамп пред сè за миграцијата, климатските промени и за одговорот на владата на кризата со коронавирусот. Бајден има план за трошење на околу 2 илјади милијарди долари за да се забрза испораката на вакцини, како и за поддршка на милиони Американци погодени од пандемијата.

Европската унија веќе повика на нов почеток во односите со Соединетите држави. Претседателот на Европскиот совет Чарлс Мишел зборуваше за потребата од „нов пакт“ во трансатлантските односи и го покани Бајден на самитот САД – ЕУ во Брисел.

И претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен зборуваше за обновување на соработката. „Оваа нова зора во Америка е моментот што го чекавме“, изјави таа.

Бајден доаѓа на чело на САД откако 3 децении служеше како сенатор, а подоцна и како потпретседател во администрацијата на Барак Обама.

Анеса Салиху