За време на ископувањата во Ефес, антички град во денешен Измир, Турција, археолозите открија интересни наоди, за кои се верува дека биле уништени во периодот кога на овој простор се воделе повеќе војни.

Легендата вели дека Ефес бил основан од жени воини, познати како Амазонки. Археолошките траги пак, укажуваат дека таа територија била населена уште од бронзеното време, а на местото на поранешната престолнина Арзава е основан град од страна на атичките и јонските колонијалисти, кој ќе стане познат во вековите што доаѓаат.

За време на класичната грчка ера, тој бил еден од дванаесетте градови на Јонската лига, а во тој период станал голем урбан центар со монументални градби, меѓу кои се издвојувале библиотека и театар – кои можеле да примат 24.000 гледачи. Местото било погодно и за аџилак, поради храмот на Артемида кој се наоѓал во непосредна близина, а кој е прогласен за едно од седумте чуда на античкиот свет. Подпаднал под римска власт во 129 п.н.е., по бунтот на Еумен. Античките извори наведуваат дека во тој момент во градот живееле околу 200.000 жители. Во текот на 1 век п.н.е., градот станал седиште на гувернерот и главен трговски центар на регионот. Интересен факт е дека грчкиот филозоф и историчар Страбон рекол дека Ефес бил вториот најважен град во империјата.

Затоа, не е изненадувачки што претставува вистинско богатство за истражувачите. Иако повеќето градби што можат да се видат денес датираат од периодот за време и по владеењето на императорот Октавијан Август, многу артефакти од различни епохи се скриени под слоевите на земјата. Еден од таквите наоди е неодамнешното откритие на австриските археолози – рановизантискиот и гастономскиот кварт на плоштадот Домицијан, кој некогаш претставувал истакнат јавен простор во непосредна близина на Горна Агора.

Наодите од римскиот плоштад сугерираат дека областа била ненадејно уништена во 614/615 година, по што бил покриен со дебел слој на пепел и јаглен од пожари. Екипата се фокусираше на ископување на конструкцијата која се состоеше од неколку деловни простории со површина од 170 метри квадратни, чии ѕидови беа зачувани до висина од 3,4 метри. Во нив се откриени наоди од керамички фрагменти, вклучувајќи цели чинии со остатоци од морска храна и амфори со остатоци од солена скуша. Пронајдени се и јами од праски, бадеми и маслинки, јагленисан грашок и мешунки, како и четири златници и над 700 бакарни монети.

Заклучокот е дека тие некогаш служеле како кујни, магацини, работилници, таверни и продавници за светилки и сувенири за аџии – како што покажува откривањето на околу 600 мали шишиња кои им биле продадени на христијаните. Археолозите, врз основа на наодите кои укажуваат на уништување, претпоставуваат дека градбата била уништена за време на византиско-сасанидската војна од 602 до 628 година од нашата ера, т.е. повеќето војни кои се воделе помеѓу Византиската империја и Сасанидското Царство на Иран.

Извор: Енаука