Британците наскоро би можеле да се соочат со забрана за влез во ЕУ според германскиот план за затворање на границите, пишува денес британски Тајмс, а пренесува Ројтерс.
На владите на земјите-членки на ЕУ ќе им биде дозволено да забранат влез на сите жители на Велика Британија во нивните земји и да ги прекинат сите врски за превоз на патници со Велика Британија, врз основа на германскиот план изложен во нацрт-документот до кој имал пристап британскиот весник.
– Advertisement –
Според текстот на Тајмс, земјите-членки на ЕУ можат слободно да воведат привремени забрани за влез и превоз на патници кои влегуваат од земји кои не се членки на ЕУ од области каде што е присутен нов вид на вирусот Ковид 19.
Весникот, повикувајќи се на дипломатски извори, пишува дека независно од оваа привремена одлука, ЕУ е подготвена да ги олесни граничните процедури по Брегзит, доколку Велика Британија се откаже од својот план за создавање на „Сингапур на Темза“, пренесува Ројтерс.
Во борбата против ширењето на новиот вид коронавирус, германската канцеларка Ангела Меркел бара повторно воведување на граничните контроли, како во пролетта минатата година.
Доколку другите членки не го „слушаат“ тоа, Германија, како што најави, планира повторно да воведе контроли на нејзините граници.
„Ако земјите сакаат да одат по друг пат, тогаш ќе мора повторно да воведеме гранични контроли“, рече таа.
Според неа, мерките во Германија можат да бидат ефективни само доколку има слични мерки и во други земји. Од друга страна, шефот на германската дипломатија, Хајко Мас, се изјасни против граничните контроли.
– Мислам дека мора да сториме сè за да се спречи повторното воведување на контролите на границите што водат до колони долги 50 километри – изјави Мас за јавниот сервис АРД.