Зад нас е 65-то финале на Евровизија, но скандалите поврзани со овој музички фестивал и неговите учесници не престануваат дури и по една недела од финалната вечер.

Откако беше решен скандалот околу тоа дали Дамијано Давид користел дрога во бекстејџот за време на финалето на Евровизија, се појави нов скандал поврзан со ова престижно музичко натпреварување, кој овојпат се однесува на Малта.

Имено, во центарот на скандалот е претставничката на Малта, Дестини, која беше на врвот на обложувалниците неколку недели пред почетокот на изборот за песна на Евровизија и сите ја предвидоа нејзината победа, а на крајот заврши на 7-то место. По финалето стана под знак прашалник како е можно таа да има добиено само 47 гласа од гледачите, а беше фаворит со недели.

Овој исход предизвика сомнежи и кај властите во Малта и било утврдено дека Малта потрошила повеќе од 650 илјади евра за промоција на Дестини и поради тоа Министерството за внатрешни работи побарало ревизија на трошоците бидејќи се сомневале дека голема сума пари била потрошена за обложување пред изборот за Песна на Евровизија.

Според порталот „Times of Malta“, досега е познато дека туристичкиот одбор на Малта има инвестирано 350.000 евра за промоција на Дестини, додека околу 300.000 евра се инвестирани од јавниот сервис.

Наводно дел од парите им ги дале на странски инфлуенсери, кои потоа на своите социјални мрежи ја промовирале евровизиската претставничка и нејзината песна.

Ревизијата иницирана од Министерството за внатрешни работи започнува на 31 мај, а кога ќе бидат познати резултатите, ќе се одлучи кој и како ќе биде одговорен за оваа состојба.