Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанствп Љупчо Николовски денеска најави дека тутунарите од понеделник ќе ги добијат парите за субвенции, а веднаш по нив ќе бидат исплатени и сточарите.
Николовски во интервју за Канал 5 рече дека земјава ќе има доволно храна, а со помош на Интервентниот фонд се очекува за три години производството на пченица да биде зголемено за 30 000 тони и на долг рок да станеме увозно независни.
Министерот најави и дека на 15 јули ќе биде објавен последниот повик од ИПАРД 2, за преработувачката индустрија, во износ од пет милиони евра. Кон крајот на оваа и почетокот на следната година, дополни, почнува реализацијата на Програмата ИПАРД 3 проектирана со 60 отсто повеќе средства од ИАПРД 2.
-Се отстрани блокадата, се усвои Законот. Упатувам благодарност до пратениците, претседателот на државата и Собранието. Овде нема политика, битно е да има редовна исплата на субвенциите. Вчера директорот на Платежната агенција ги потпиша сите 19 000 решенија за тутунарите, парите се веќе во терзорот и од понеделник почнува оваа најобемна исплата на 1,3 милијарди денари.Веднаш по тутунарите, ќе ги исплатиме и субвенциите за сточарите, истакна Николовски и информира дека за набавка на вештачко ѓубре се пристигнати рекордни 4 000 барања.