Минатата година вкупно 1,1 милион евра преку Министерството за транспорт беа доделени на општина Кавадарци за инфраструктурни проекти, а на наредната владина седница ќе се донесе одлука за дополнителни 1 милион евра за реализација на водоводни системи за две населени места во Кавадарци, истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски при денешната работна посета во Кавадарци.

Николоски, заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоси и градоначалникот на општина Кавадраци, Митко Јанчев, извршија увид во реконструкција на патниот правец Дабниште – Ресава, проект што се реализира од неповратните средства што Владата им ги додели на општините за реализација на капитални проекти.

Вицепремиерот истакна дека е објавен и вториот јавен повик и ги повика сите општини да аплицираат за нови неповратни средства за реализација на инфраструктурни проекти.

„Минатата година вкупно 1, 1 милион евра преку Министерството за транспорт беа префрлени на наменска сметка на општина Кавадарци, се реализираат веќе 5 проекти и сме во напредна фаза. За оваа година повикот беше отворен и очекувам во следниот период да дојдат апликациите, а она што можам да го најавам е дека на следната владина седница очекувам околу 1 милион евра дополнителни средства да поминат донација за водоводни мрежи кои што треба да бидат изградени во село Строгово и село Сопот кои што ќе помогнат за подобрување на животот на граѓаните. И уште една работа, ние во тек на месец јануари бевме во близина на Кавадарци и пуштивме дел од експресниот пат од Градско до Прилеп, односно делницата Градско-Дреново. Можам да кажам дека интензивно се работи на делницата Дреново – Фариш, на заштита на косини, на решавање на безбедносни проблеми и за многу скоро време можеме да видиме отворање и на таа делница”- изјави Николоски.