Министерот за транспорт на Р. Бугарија Николај Сабев учествуваше на церемонија на именување на на новоизградениот маневарски брод „Искар“, сопственост на Извршната агенција за „Проучување и поддршка на реката Дунав“, соопшти прес-центарот на Министерството за транспорт на Р. Бугарија.
За време на настанот, тој рече дека земјата заедно со Романија ќе бара европски финансиски средства, кои во следните неколку години ќе создадат нормални услови за пловидба по Дунав повеќе денови во годината и со поголем капацитет на бродови.
Ги забрзуваме чекорите кон реално спроведување на мерките поставени во проектот „Брз Дунав“, додаде Сабев, коментирајќи дека треба да се формира бугарско-романска структура која ќе аплицира со заеднички проект за европско финансирање од Механизмот за поврзана Европа.
Министерот објасни дека е време Бугарија да почне ефикасно да ги исполнува своите обврски за одржување на бродската рута, што пак значително ќе ја зголеми економската ефикасност на флотите на Дунав.
„Искар“ е најновата компонента од опремата на Агенцијата, со кој сега ќе може сама да ги врши активностите за продлабочување на реката. Се очекува, по спроведување на потребната обука на екипажот во текот на летото да почнат првите реални активности, информираат од Министерството за транспорт.