Во Секретаријатот за европски прашања, денеска беше промовирана кампањата „Ние сме Европа“. Кампањата е во организација на СЕП, во соработка со Владата на Република Северна Македонија.

Караванот на кампањата која чини пет милиони денари ќе опфати осум градови со повеќе теми и тоа Скопје каде темата ќе биде економија, Струмица – труд и социјална политика, Прилеп – земјоделие, Битола – култура, Охрид – туризам, животна средина, Тетово – млади, Штип – инфраструктура и Куманово – енергетика.

–  Ќе започнеме со активности со почеток на оваа кампања во Скопје на тема „Економија“. Првиот настан ќе го отвори премиерот Ковачевски и тоа ќе биде на 30 август како официјален старт на кампањата наредната недела, информира вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на денешната промоција на кампањата во просториите на СЕП.

Активностите, како што дополни, ќе вклучуваат посета, средби со целни групи кои се заинтересирани да прашаат нешто конкретно за темата и генерално за процесот на пристапување.

– Во секој град истиот ден ќе се одржува и трибина на централно препознатливо место каде што ќе биде отворена за присуство на сите граѓани, рече вицепремиерот.

Кампањата „Ние сме Европа“ ќе ја спроведува Секретаријатот за европски прашања, во соработка со Владата на Република Северна Македонија

Тој информираше дека кампањата е во рамки на напорите Република Северна Македонија да ги исполни стратешките цели и но и да ја приближи стратешката цел на членството во Европската Унија до граѓаните.

– Целта на овие настани е да ги претставиме придобивките, неопходните реформи и начините како членството во Европската Унија ќе го заштити и зајакне македонскиот идентитет, рече вицепремиерот Маричиќ.

На новинарско прашање во врска со анкетите кои покажуваат дека граѓаните се за членство во ЕУ, но исто толку граѓани се против францускиот предлог, Маричиќ одговори дека членството во ЕУ не е францускиот предлог.

– Членството во ЕУ е трансформација на нашата земја и економски развој, стабилност и просперитет и тоа сакаме да го објасниме на граѓаните дека нас не чекаат многу задачи, но и многу придобивки на тој пат. Дека ова што го имаме сега со исполнувањето на францускиот предлог е само една задача која што на ниту еден начин не го загрозува нашиот идентитет, нашиот јазик. Напротив, помина една година откако тој предлог се усвои во Собранието. Ниту ние се бугаризиравме, ниту може тоа да се случи, ниту има каков било атак врз нашиот идентитет, рече Маричиќ.