Предлогот на МНР телевизиската презентерка Бесмира Ејупи да биде испратена за конзул во Њујорк предизвика бура на реакции во јавноста. Ова е одлучено синоќа на затворен дел од владината седница, а портпаролите на Владата Душко Арсовски и Мухамед Хоџа не можеа да одговорат на прашањето дали или не е вистина оваа информација, само потенцирајќи дека на отворениот дел од владината седница немало ваква точка на дневен ред.

Сепак, не е само презентерката Бесмира Ејупи. И синот на аналитичарот Алберт Муслиу, Петрит Муслиу е назначен за конзул во Чикаго, кој според информациите веќе ја извршува оваа функција. Во јавноста Муслиу е познат како аналитичар кој е подржувач на политиките на сегашната влада.

Ниту Петрит Муслиу, ниту Бесмира Ејупи не се дипломати, односно немаат образование ниту искуство во оваа област. Сепак, неофицијалните информации велат дека станува збор за предлози кои дошле од луѓе блиски до високи функционери на ДУИ.