Рускиот опозиционер Алексеј Навални, кој денеска се појави на сослушување во Москва, ги исмеа обвинувањата дека ги прекршил одредбите за условен отпуст додека бил во кома и го навреди рускиот претседател Владимир Путин, нарекувајќи го „мал крадец“.

Си-Ен-Ен пренесува дека Навални на рочиштето побара некој да му објасни како можел да ги извести властите за тоа каде се наоѓа додека е во кома.

-Зошто седите овде и му кажувате на судот дека не сте знаеле каде сум. Јас паднав во кома, потоа бев на интензивна нега, а потоа и на рехабилитација. Контактирав со мојот адвокат за да ви испратам информации. Вие ја имавте адресата , мои информации за контакт. Што друго би можел да направам за да ве известам, праша Навални.

„Претседателот на нашата земја во живо кажа дека ме пушти да одам во Германија на лекување, а вие ни тоа не го знаевте“, додаде тој.

Во друг свој испад во судницата, Навални го опиша Путин како „мал крадец во неговиот бункер“, кој не сакаше да стапнам на руска земја и „го навредив со фактот дека преживеав“, пренесе Си-Ен-Ен.

Навални, исто така, кажа дека Путин ќе остане запаметен во историјата како „трујач со гаќи“.

-Тој не се занимава со геополитика, тој одржува состаноци за тоа како да подмачкува долна облека со хемиско оружје, му рече Навални на Путин.

Опозиционерот претходно изјави дека со измама добил информација од агент на Федералната служба за безбедност (ФСБ) дека нервниот агенс „Новичцок“ му бил вметнат во долната облека и со тоа бил отруен.

Путин во декември кажа дека доколку руските безбедносни служби сакале да го убијат Навални, таа работата ќе бидела завршена.

Навални беше приведен на 17 јануари, на враќање во Москва, откако заздраве во Германија од наводно труење со нервниот агенс, и денеска му се суди за наводно кршење на условната слобода, а неговиот случај предизвика протести низ целата земја. (МИА)