Група германски научници (German Working Committee on Particulate Matter) во која се вклучени физичари, хемичари, инженери, биолози, метеоролози и лекари од три научни здруженија со поддршка на Институтот за тропосферски истражувања во Лајбниц, неодамна објавија документ со неколку многу важни совети кои може да помогнат во спречување на ширењето на SARS-CoV-2 во затворени простори како што се ресторани, кафулиња, училници, работни организации итн. Со примената на овие совети во затворен простор би се отстраниле дури 90 проценти од вирусните аеросоли, нагласуваат научниците, а пренесува „Fast Company“.

Првиот совет се однесува на маските и нивната задолжителна употреба во сите сектори. Научниците посебно ги истакнуваат маските N95, а не класичните хигиенски маски. Вториот совет е веќе многу добро познат и се однесува на проветрувањето, и тоа она класичното, со што почесто отворање на прозорците. Третиот совет е за системот за вентилација. Многу е важно системот за вентилација да вшмукува воздух спрема горе и, во случај на негова рециркулација, воздухот мора правилно да се филтрира. Таквите системи за вентилација, сметаат научниците, треба да се инсталираат што е можно поскоро во работните простории, училиштата, факултетите, болниците, но и возилата за јавен превоз.

Исто така, научниците советуваат и употреба на систем за прочистување на воздухот, како и систем за мерење на СО2 во воздухот, бидејќи резултатите од ваквото мерење би можеле да го покажат ефектот на вентилацијата. И, она што е многу важно е да не се користат плафонски вентилатори. Имено, како што аеросолите со вирусот одат кон таванот со нашето издишување, системот за вентилација и вентилаторот што го проветрува воздухот од горе надолу можат овие честички да ги шират низ просторот, така што вирусот ќе остане уште подолго во воздухот.