Со рускиот претседател не можат да се натпреваруваат ниту спортистите ниту актерите ниту политичарите.

Претседателот на Русија, Владимир Путин (68), е прогласен за најатрактивен Русин, според анкетата на „Суперџоп.ру џоп“ – втора година по ред. Во анкетата спроведена на 1.000 мажи и 1.000 жени во повеќе од 300 руски градови помеѓу 22 март и 1 април, 17 отсто од жените рекле дека Владимир Путин е најсексапилен Русин, додека 18 отсто од мажите го делат истото мислење, пишува „Москва тајмс“.

„Русите и понатаму го сметаат Владимир Путин за најатрактивен познат маж во земјата. Со него не можат да се натпреваруваат ниту спортистите ниту актерите во Русија“, се наведува на споменатата веб-страница.

Сајтот „Супер џоп.ру џоп“ соопшти дека Путин добил еден процент помалку гласови во споредба со минатата година, но дека, сепак, никој не може да се мери со него.

Како успева да биде во врвна форма?

Изгледот на рускиот лидер често е предмет на коментари, па многумина се прашуваат како тој успева да се одржи во добра форма. За тоа се заслужни редовното вежбање и спортување. Меѓу другото, се занимава со скијање, хокеј, џудо, пливање и многу други спортови. Рускиот претседател е познат по своите авантуристички хобија, како ловење и престојување во тајгата.

Неколкупати беше фотографиран и без маица и со тоа го привлече вниманието на поубавиот пол.

Минатиот месец Путин беше фотографиран како се смее облечен во палто од овча кожа во текот на одморот во Сибир. Кремљ ги објави фотографиите на Путин како вози теренско возило и како ужива во оброкот со министерот за одбрана Сергеј Шојгу.

Режим

Руските медиуми пред неколку години напишаа дека тренингот на нивниот претседател изгледа вака:

„Путин вежба секој ден пред појадок. Има комплекс за тренирање на две нивоа во неговата резиденција. На горното ниво има вежбалница, каде што прво се загрева на разни справи, а потоа се спушта на долното ниво, каде што плива во базенот најмалку еден час, а понекогаш и два, но секојпат препливува најмалку еден километар. Тренингот го завршува со наизменично туширање со ладна и топла вода.“

Путин многу внимава и на здравата исхрана. Рускиот претседател јаде малку мрсна храна и многу овошје и зеленчук, а ги сака руската и кавкаската кујна.

Во оваа анкета е интересно дека 19 отсто мажи се самопрогласиле за најзгодни мажи во Русија, додека 18 отсто жени рекле дека во целата земја не постои ниту еден згоден маж.

ГЛОСА На крајот на минатиот месец рускиот парламент одобри закон со кој се спроведува уставната промена која на претседателот Владимир Путин би можела да му овозможи да остане на власт до 2036 година. Тогаш Путин ќе има 83 години.