По тешката и неизвесна 2020 година во услови на пандемија превозниците посакуваат новата 2021 година да донесе безбедни патишта, зголемена активност во сите економии во светот и, како што истакнуваат, да се врати мирот и спокојот во свет без коронавирусот Ковид-19.
– Желбите за 2021 година се големи, а предизвиците уште поголеми, да има работа за сите, да се овозможи слободен пристап до сите транспортни пазари, да нема мито и корупција по главните транспортни коридори, да запре движењето на мигрантите, да постои лојална конкуренција и можност за напредок подеднаква за сите, вели за МИА Билјана Муратовска, генерален секретар на Асоцијацијата на превозници Макам-транс.
Што и како ќе биде во наредниот период никој не знае и не може со сигурност да предвиди. За превозот на стока во патниот сообраќај особено е битно да заживее целата економија во сите држави, за да може непречено да се врши меѓународен превоз. Транспортниот пазар на нашата држава која е увозно ориентирана не може да ги покрие потребите на големиот број возила на македонските превозници кој изнесува околу 15.000.
Државата во 2021 година, како што вели Муратовска, ќе мора да преземе голем број мерки, законски решенија за подобрување на структурата на возниот парк од кој 55 проценти од вкупниот број е застарен и тоа од Еуро 0 до Еуро 3 стандард. Да се воспостават целосно подеднакви услови за вршење на дејноста за сите лиценцирани превозници, но и стручна и едуцирана јавна администрација која ќе ги креира транспортните политики за сеопшт раст и развој во наредниот период.
Да се направи ретроспектива за 2020 година од аспект на патешествијата кои ги имаа превозниците, вели Муратовска, буди лоши спомени за настани кои никако не ги заслужија превозниците и професионалните возачи кои покрај опасностите кои ги демнееја од сите страни, не застанаа.
Во првите три месеци од прогласување на пандемијата сите превозници се соочија со драстично намалување на својата работа, затоа што се затворија или се намали работата на фирмите ширум Европа, се превезуваше се она што го имаа на залихи, превозите за и од Турција замреа речиси цели два месеца, што се одрази многу негативно на сите превозници кои работеа и беа поврзани со турскиот пазар. Во првите три месеци лани обемот на работата се намали за повеќе од 60 проценти во споредба со истиот период од 2019 година. Голем број од превозниците не искористија од средствата кои ги нудеше државата како помош, затоа што се што ќе се земе или одложи значи и враќање во некој подоцнежен период. Имаше и такви кои ја искористија мерката за надомест на плата, бескаматни кредити како еден вид инфузија за помал период до заживување на транспортниот пазар.
Превозниците кои превезуваа лекови, средства за дезинфекција и храна, работеа цело време, но со голем напор, времето на превозот се зголеми, се зголеми и бројот на поминати празни километри затоа што не беше лесно да се најде стока за превоз која би значела враќање во нашата држава. Работеа, но под влијание на понудата и побарувачката за возила, драстично се намали цената на превозот.
– Ќе ја памтиме 2020 година и затоа што додека во сите други држави, па и во Америка оддаваа почести за превозниците, ние македонските превозници протестиравме затоа што зголемувањето на акцизата ни го пласираа како антикризна мерка, наспроти нашите барања да има рамномерно распределување на тешкотиите во работењето на сите, а не само на одредена група од стопанството. Превозниците заслужија и заслужуваат да бидат почитувани од сите, не дозволија да има празни рафтови во продавниците, празни бензиски пумпи, па дури може да се каже дека и собирањето на сметот од контејнерите низ целата држава е дело на некој превозник кој не застана и си ја вршеше својата работа, укажува Муратовска.
Во периодот од после одморите се чувствува подобрување во однос на транспортниот пазар низ Европа, приходите се драстично намалени, но затоа со работа и во отежнати услови се овозможи да се задржат вработените и да се користат возилата. И кога стои едно возило секојдневно троши минимум 100 евра поради големите фиксни трошоци за регистрација, задолжително осигурување, зелени карти, амортизација, ануитети кој треба да се плаќаат. Заради тоа и за опстанок на транспортниот пазар многу сопственици на превозните друштвата се вратија на работното место – возач, кога возачите одбиваа или не можеа да ги управуваат возилата.
Превозниците ќе ја паметат 2020. и по, како што вели Муратовска, неразумното барање на косовското Министерство за транспорт по дваесет години да се ограничат превозите кои можат да ги вршат од и за трета земја на минимален број од 200 или 300 транспортни дозволи за цела година. Идејата за проектот „Мини Шенген“ значи либерализација и достапност до пазарите на државите кои треба да се дел од овој проект, а не ограничување на правата за достапност на транспортниот пазар преку воведување на транспортни дозволи.
Ќе ја паметат и заради воведувањето зелени ленти (коридори) за превоз на стока во свежа состојба, жива стока, лекови, средства за дезинфекција и опасна стока која според препораките на Светска царинска организација не смее да се задржува на граничните линии.
Остануваат во надеж дека иницијативата ќе продолжи и во рамките на овие зелени ленти ќе се вклучат и пограничните држави кои се членки на ЕУ, со цел да се има брз и непречен проток на стоки од место на утовар до место на истовар.
Извор:МИА