Шпанскиот тенисер Рафаел Надал беше крајно задоволен по триумфот во Барселона, а најави уште подобри игри во продолжението на сезоната на земја.

Надал во финалето го совлада Стефанос Циципас со 6:4, 6:7 (6:8), 7:5 и ја освои 12. титула во Барселона. Во исто време, тој стигна до првиот трофеј оваа сезона.

„Никогаш не сум играл вакво финале. Тој ја освои титулата во Монте Карло, не загуби сет пред нашиот натпревар. Важна победа за мене. Го подигнав нивото на игра во текот на целата недела и оваа победа го докажува тоа“, рече Рафа.

На прашањето колку му значи овој триумф пред продолжението на сезоната на земја, вториот тенисер во светот одговори:

„Тоа е исклучително важно, ова е турнир што го гледав како дете. Ја освоив титулата во вистинско време и мислам дека ова може да ми помогне во сè што ме чека. Надминав добар ривал, иако мислам дека сепак можам да напредувам во играта, можам да бидам уште подобар “.

Следниот турнир на Надал треба да биде Мастерсот во Мадрид, кој започнува на 2 мај.