Во Германија црквите ќе бидат отворени за Божиќ, но не е дозволено пеење, а верниците ќе мора да носат маска и да бидат оддалечени по 1,5 метар еден од друг.
Речиси сите европски земји ги заоструваат до класичен карантин превентивните мерки против ширењето на коронавирусот во пресрет на божиќните и новогодишните празници.
Поради влошената епидемиолошка состојба, Германците веќе „се разбудија“ во целосна блокада, а Франција воведе полициски час.
Во Германија до 10 јануари отворени ќе бидат супермаркети, аптеки и банки. Учениците и сите на кои обврските им дозволуваат, ќе работат од дома. Попуштање на мерките ќе има за време на божиќните празници од 24 до 26 декември, кога ќе бидат дозволени посети, но само на две блиски семејства со не повеќе од четири лица. Забраната за собири ќе биде во сила за новогодишната ноќ. Црквите ќе бидат отворени за Божиќ, но не е дозволено пеење, а верниците ќе мора да носат маска и да бидат оддалечени по 1,5 метар еден од друг. Правилата важат и за синагогите и за џамиите. Во Германија во вторникот од коронавирус починаа 952 лица, што е најголем број смртни случаи во еден ден од почетокот на пандемијата.
Во Франција полицискиот час ќе биде на сила од 20 до 6 часот. Исклучок ќе биде Бадник, но не и Нова година. Баровите и рестораните ќе бидат затворени најмалку до 20 јануари. Неколку илјади уметници завчера со протести реагираа на мерката за затворање на театрите.
Демонстрантите продефилираа покрај затворената оперска куќа во центарот на Париз со џиновски танцувачки кукли, тапани и труби, со цел да го свртат вниманието на суштинската важност на културата, дури и за време на пандемијата. Претседателот Емануел Макрон претходно најави дека театрите може повторно да се отворат од 15 декември, но тоа беше променето поради влошувањето на епидемиолошката состојба.
Мерките за „заклучување“ во Холандија опфаќаат затворање на училишта и продавници за основни производи најмалку пет недели. Училиштата, другите продавници, музеите, спортските сали, театрите и фризерските салони ќе останат затворени до 19 јануари. Ограничувањата ќе бидат намалени околу Божиќ кога холандските домаќинства ќе можат да бидат домаќини на три наместо на двајца гости.
Италијанскиот премиер Џузепе Конте ги повика граѓаните да избегнуваат неодговорни собири за време на празниците и најави можно засилување на мерките за тој период.
Германскиот министер за здравство Јенс Шпан соопшти дека вакцинацијата на граѓаните веројатно ќе почне следната недела и оцени дека тоа е добар сигнал. Тој очекува Европската Унија да ја одобри првата вакцина пред Божик, а имунизацијата во Германија би можела да почне два до четири дена подоцна, за што веќе се подготвени центри за вакцинација. Шпан оцени дека до крајот на летото ќе бидат вакцинирани околу 60 проценти од граѓаните, но канцеларката Ангела Меркел предупреди дека јануари и февруари ќе бидат „тешки месеци“.
Европската комисија објави дека има намера да обезбеди дополнителни 80 милиони дози вакцини за ЕУ од американската компанија „Модерна“ и 100 милиони од онаа што ја развија „Бионтек“ и „Фајзер“. Вкупната вредност на пакетот вакцини ќе чини околу 3,2 милијарди евра.