Германија би можела да ѝ достави на Украина податоци за украинските мажи кои живеат во земјата и се способни за воена служба, за украинските власти да можат да ги контактираат во врска со евентуална мобилизација, изјави германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул за „Билд“.

Вадефул се согласи со лидерот на ЦСУ, Маркус Зедер, кој побара украинските мажи способни за воена служба кои моментално престојуваат во Германија да се вратат во Украина.

„Знаеме кој живее тука. Кој прима социјална помош, кој е пријавен кај локалните власти, кој има регулиран престој“, рече Вадефул.

Според него, Германија би можела да ги испрати овие податоци во Киев за украинските власти да можат да ги контактираат мажите во врска со нивната мобилизација. Сепак, тој нагласи дека нивното враќање во Украина треба да се одвива „без присила“.

Изјавата доаѓа во период кога Украина се соочува со зголемена потреба од пополнување на борбените единици, создавање резерви и овозможување одмор и ротација на војниците на фронтот.

Во меѓувреме, украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека Германија е подготвена да обезбеди дополнителни пресретнувачки ракети „Патриот“. Германскиот министер за одбрана Борис Писториус најави и дополнителни ракети воздух-воздух AIM-9 и системи за противвоздушна одбрана IRIS-T.

Текстот Германија би можела да му достави на Киев податоци за Украинците способни за воена служба е превземен од МАКФАКС.