Најмалку 70 лица се повредени, од кои шест потешко, во напад на демонстранти врз зградите на бразилските федералните власти во главниот град на земјата, соопшти денеска бразилското Министерство за здравство.
Повредените побарале лекарска помош, а тешко повредените се задржани во болница.
Меѓу повредените има новинари и полицајци. Претходно медиумите објавија дека најмалку 12 новинари биле повредени додека известувале за насилните настани во Бразилија.
Поддржувачите на поранешниот претседател Жаир Болсонаро, кои не го признаваат неговиот изборен пораз од левичарот Лула Да Силва, со месеци кампуваат во Бразилија пред зградата на Генералштабот, барајќи од армијата да интервенира, бидејќи изборите наводно биле наместени.