Кинеските здравствени власти соопштија дека минала најлошата фаза од нејзината борба против епидемијата на Covid-19. Во пресрет на најфреквентниот ден во петокот, кога стотици милиони луѓе патуваат по повод празниците.
Заменичката на кинескиот премиер Сун Чунлан, задолжена за одговорот на Covid-19, изјави дека епидемијата е на „релативно ниско“ ниво, известија кинеските медиуми ноќта кон петокот, откако претставниците на здравствените власти објавија дека бројот на пациентите со коронавирусот во болниците го достигнал врвот.
Меѓутоа, западните земји се скептични во врска со официјалните информации од Кина во врска со Covid-19, повторувајќи ги информациите дека коронаврирусната болест го преоптоварила кинескиот болнички систем и крематориумите, откако токму под нивниот притисок Пекинг на почетокот од декември ги напушти строгите епидемиолошки мерки на „нулта толеранција на коронавирусот“.
Политичкиот пресврт, кој следеше по притисокот од западните земји и тамошните мултинационални компании поради забавувањето на економијата предизвикана од кинеските мерки за „затворање“ што го отежнуваше движењето и работењето на погоните и синџирите на снабдување, како и историските протести против строгите мерки за кои Пекинг се сомнева дека се инструирани од странство, го ослободи коронавирусот на 1,4 милијарди луѓе, коишто главно беа во строг карантин откако се појави во централниот град Вухан на самиот крај од 2019 година.
Западни здравствени стручњаци сметаат дека во Кина од Covid-19 годинава ќе починат повеќе од милион луѓе, а британската компанија за собирање здравствени податоци „Airfinity“ предвидува дека бројот на смртните исходи од коронавирусот во најнаселената земја на планетата следната седмица може да достигне 36.000 дневно.
„Во последно време севкупна епидемија во земјата е на релативно ниско ниво. Бројот на критичните пациенти во болниците постојано се намалува, иако задачата на спасувачите и натаму е тешка“, цитира агенцијата Xinhua еден од коментарите на вицепремиерката Сун.
Нејзината изјава е дадена пред самиот почеток на денот за кој се очекува дека ќе биде еден од најфреквентните според бројот на патувањата од предпандемискиот период. Стотици милиони Кинези на овој ден патуваат кон своите родни места или во туристичките дестинации по повод празниците на кинеската лунарна Нова година, којашто официјално започнува во сабота.
Се очекува дека во периодот меѓу 7-ми јануари и 15-ти февруари ширум Кина ќе бидат забележани околу 2,1 милијарди патувања, според процените на министерството за сообраќај.
Кинескиот претседател Кси Џинпинг претходно седмицава изјави дека е загрижен поради приливот на патниците во руралните области каде се слаби здравствените системи, како и дека заштитата на повозрасните лица, од кои многумина не се вакцинирани со дополнителните „бустер“ дози, е главниот приоритет.
Кинеското регулаторно тело за интернет, пак, објави оваа седмица соопшти дека ќе ги цензурира сите лажни информации за ширењето на коронавирусот коишто би можеле да предизвикаат мрачно расположение во текот на прославата на лунарната Нова година.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.