Бројот на илегален влез на мигранти се зголеми на повеќе од 275.000 во периодот од јануари до октомври годинава, објави граничната агенција на Европската унија.
Таа бројка е за 73 отсто повисока отколку во исто време во 2021 година и е највисока од врвот забележан во 2016 година.
Европската агенција за гранична и крајбрежна стража Фронтекс изјави дека најголемиот дел од влезовите сè уште се случуваат на „Западнобалканската рута“, каде што биле откриени над 128.000 нелегални влезови.
Мигрантите на таа рута се главно од Бурунди, Авганистан и Ирак.
Фронтекс објави дека големиот број премини во областа на Западен Балкан „може да се припише на повторените обиди за преминување на границата од мигранти кои се веќе присутни“ во областа, но и на луѓе кои „го злоупотребуваат безвизниот режим“.
Се вели дека некои мигранти летаат без визи до Белград, а потоа се упатуваат кон надворешната граница на блокот од 27 земји. Како одговор, Фронтекс распореди повеќе од 500 полицајци и службеници во регионот.