Екипата на МЗТ Скопје славеше над Еуро Никел (83-81) во првиот меч од финалната серија во македонската Прва лига која се игра до три победи.

Во својата сала, „штрковите“ во исклучително драматичен финиш, успеаја да ја одржат разликата која ја направија во првите три четвртини и на крајот да не дозволат сензационален пресврт од упорниот гостински тим.

Феми Олуџоби беше најефикасен кај МЗТ Скопје Аеродром со 24 поени, а зад него беа Дамјан Стојановски со 15 поени, шест скока и четири асистенции и Хасани Гравет со 12 поени, седум скока и четири асистенции. Двоцифрен поентерски ефект имаа уште и Бојан Крстевски и Адем Мекиќ со по 10 поени, додека Андреј Магдевски реализира седум со шест асистенции, а Андрија Бојиќ пет поени.

Вториот меч се игра веќе задутре и тоа во Гевгелија, каде што Еуро Никел игра како домаќин во плејофот поради зафатеноста на нивната сала со националниот план за вакцинација.

Фото: Официјалната страница на КК МЗТ Скопје