Следната македонска влада ќе биде формирана од ВМРО-ДПМНЕ, која навистина ќе почне пристапни преговори со Европската унија, со заштитено достоинство на сите граѓани што живеат во Северна Македонија, ветува потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцунски во интервју за телевизија Шења и порталот зоом.мк. Муцуснки не открива како ќе го исполнат условот за внесување на Бугарите во уставот велејќи дека надворешната политика е многу сложена и треба да се земат предвид сите елементи.

„Брзи и импулсивни одлуки, на начин како ова влада ги носи во континуитет, не се храброст, туку се непромисленост. За носење на крупни одлуки треба време, треба соодветни гаранции и треба заштита на тоа што е национален интерес“, вели Муцунски додавајќи дека на следните избори ВМРО-ДПМНЕ ќе излезе со конкретно решение за кое ќе се определат граѓаните.

Тој негира дека на земјата може да и се случи бугарско сценарио после изборите политичките партии да не можат да се договорат околу формирање на нова влада.

„Тоа што го гледам во анкетите на јавно мислење, ќе има јасен победник, ќе успееме да го најдеме патот до формирање на стабилно парламентарно мнозинство, кое ќе ги реши поголем дел од проблемите“, уверува Муцунски.

Според него, ако сакаме да бидеме кредибилен партнер, треба да имаме јасна позиција и да нема дополнителни барања кои можат да ја загрозат македонската самобитност.

„Наместо со попустлива надворешна политика, ќе се водиме од факти и аргументи“, вели Муцински додавајќи дека земјата станува лош кандидат за преговори и поради немањето реформи од владата на СДСМ и ДУИ, кои дошле на власт на бранот на евроинтеграцијата.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ е убеден дека СДСМ и ДУИ немаат искрена намера Северна Македонија да биде членка на ЕУ бидејќи во Унија не може да се влезе со правење нерационални отстапки.