Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари одвоени средби со амбасадорката на Швајцарската Конфедерација, Вероник Хулман и вршителот на работите во Амбасадата на Црна Гора, Велимир Шљиванчанин.
На средбата со Амбасадорката на Швајцарија, како што информираат од МНР, било изразено заемно задоволство од развојот на билатералните односи меѓу двете земји изминатите три децении и била потенцирана заедничката подготвеност за одбележување на 30 годишниот јубилеј од воспоставувањето на дипломатските врски.
Воедно, била поздравена успешната долгорочна соработка во рамки на швајцарската развојна програма, меѓудругото, наменета и за поддршка на реформите за постигнување на европските стандарди и вредности во нашата земја. Притоа, Муцунски истакнал дека Швајцарија е наш значаен билатерален донатор, изразувајќи благодарност за оваа континуирана поддршка.
Министерот Муцунски, на средбата со вршителот на работите во Амбасадата на Црна Гора, се заблагодарил за укажаната помош во опрема во справувањето со огнените стихии. На средбата станало збор за евроинтегративните процеси на двете земји, при што била истакната потребата од нивно забрзување во интерес на регионалната стабилност.
Биле разменети мислења и за сојузништвото во рамки на НАТО и регионалната соработката во контекст на справувањето со актуелните безбедносни предизвици.
Соговорниците се осврнале и на актуелни регионални и меѓународни теми, при што беше искажана заемна подготвеност за натамошна соработка во рамки на мултилатералните формати.