Градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, истакна дека инвестициите реализирани во населбата Саат Кула не опфаќаат само асфалтирање на улиците, туку целосна реконструкција на инфраструктурата, почнувајќи од мрежите што се протегаат под улиците, па сè до завршното асфалтирање.

Во рамки на работите се изградени 1.400 метри целосно нова водоводна мрежа, со приклучување на секоја куќа и поставување подземни хидранти на секоја улица. Истовремено е изградена нова фекална канализација, со приклучување на сите куќи, како и нова атмосферска канализација со нови сливници за собирање и одведување на водата од улиците.

„Во Саат Кула не правевме крпење и површински интервенции. Ја реконструиравме инфраструктурата од темел: нов водовод, нова фекална канализација, нова атмосферска канализација и, на крај, нов асфалт на сите улици. Ова е целосна инвестиција, од инфраструктурата што се протега под улиците, па сè до завршното асфалтирање што денес се гледа. На овој начин ќе продолжиме и во другите населби во Чаир“, изјави Меџити.

По завршувањето на новите водоводни и канализациски мрежи, стариот асфалт беше отстранет, а сите улици опфатени со проектот беа целосно асфалтирани, со што се заокружи една сеопфатна инвестиција во инфраструктурата на населбата Саат Кула, соопштија од општината.

Текстот Меџити: Во Саат Кула ја реконструиравме целата инфраструктура, од темел до целосно асфалтирање на улиците е превземен од МАКФАКС.