Нема продолжување на рокот за поднесување на завршните сметки. Министерството за економија го одбило барањето на сметководителите, роковите да бидат продолжени. Oбразложението е дека ќе биде нарушен квалитетот на статистичките извештаи поврзани со ЕУ. За сметководителите одговорот од Министерството е апсурден имајќи во предвид дека најголемиот дел од европските земји имаат подолги рокови за поднесување на извештаите. Бараат институциите итно да ја преиспитаат одлуката.

– Advertisement –

„За каков квалитет на статистичките податоци зборувам, кога немајќи доволно време за изработка фокусот на сметководителите ќе биде искучиво на запазување на ригидните и кратки рокови, со што се доведува во прашање анализата и веродостојноста на податоците, а со тоа ќе се доведат во загрозена позиција и сите претпријатија кои подеднакво одговараат за овие извештаи“, рече Драган Митковски, Претседател на комора на сметководители.

Од Министерството за економија не појаснија која е конкретната причина за одбивање на ова барање од сметководителите, туку само дека е донесена заеднички со неколку институции.

„Во консултација со надлежните институции, Централен регистар и Министерство за финансии донесена е заедничка одлука да се почитуваат роковите согласно Законот за трговски друштва“, се наведува од Министерството за економија.

Сметководителите велат дека нивното барање е разумно бидејќи кризата им ја зголемила работата, а ги намалила човечките ресурси. Бараат роковите да бидат продолжени до 30 април за понесување на извештаите во хартиена форма, а до 15 мај електронски. Законските рокови за поднесување на завршни сметки истекуваат на крајот на овој месец.

Андреа Чобанова

Прикажи повеќе