Најмалку „12 пациенти и нивните роднини“ загинаа, а „десетици се ранети“ во израелскиот напад врз индонезиската болница северно од градот Газа. Индонезиската болница е под опсада на израелската армија и стравуваме дека таму ќе се случи истото како и во болницата Ал-Шифа, изјави портпаролот на Министерството за здравство на Хамас.

Тој додаде дека има околу 700 пациенти и работници во индонезиската болница лоцирана на периферијата на бегалскиот камп Џабалија и дека „здравствените тимови се решени да останат со пациентите“.

Израелската армија денеска соопшти дека ги „проширува своите операции во нови области на Појасот Газа“, особено во Џабалија.

Израелската армија ја опколи и болницата Ал-Шифа како дел од копнената офанзива против Хамас и влезе во неа пред пет дена. Израел тврди дека болницата е команден центар на Хамас.