Во Охрид денеска се одржа четвртото издание на Симпозиумот за земјоделство и храна ISAF 2022, во организација на Факултетот за земјоделски науки и храна- Скопје (ФЗНХ).

Во поздравното обраќање министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски изразил задоволство што на оваа тема деновиве ќе дискутираат најкомпетентите луѓе, оние кои „знаат како“, оние кои имаат желба да применуваат во пракса и од  надлежното министерство, кое има обврска да креира политики и мерки врз основа на вакви темелни и сеопфатни дискусии.

– Глобалната криза со храна, го става земјоделскиот сектор на врвот на приоритетите на сите светски влади, бидејќи глобалната криза бара глобален одговор, рекол Николовски, соопштија од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Министерството за земјоделство уште пред почетокот на оваа криза, навел Николовски, има подготвено Национален план за производство на храна, што содржи мерки и политики за стабилизирање на домашното производство, помош во намалување на трошоците и зголемување на производство на храна.

– Распишавме седум јавни огласи, со кои ставивме на располагање нови, над 13 000 хектари земјоделско земјиште за обработка на житни култури, сточна храна и подигнување на долгогодишни насади. Овие огласи предизвикаа рекорден интерес кај земјоделците. Само за наменскиот оглас за закуп на земјиште за обработка на житни култури склучивме 258 договори во 14 региони низ државата. Во рамки на Националниот план за храна, креиравме и Интервентен фонд, по што сме единствени во регионот со ваков вид на поддршка, насочена кон она што во моментот беше најпотребно, за спас на домашното производство пред налетот на високите цени за вештачки ѓубрива и репроматеријали, нагласил министерот Николовски.

Потенцирал дека продолжуваат да креираат нови идеи и повторно да носат храбри одлуки кои целосно ќе го реконструираат секторот, а тоа е новиот модел на субвенциионирање по примерот на развиените европски држави.

– Светската криза за обезбеденост со храна, не поттикна сите да размислуваме дали навистина имаме стратегија за производство, што е она што навистина треба да се произведува, а уште повеќе што е она што треба финансиски да се субвенционира од државата, потенцирал меѓу другото Николовски.

Додал дека Министерството за земјоделство, во консултација со земјоделците, подсекторските групи и факултетите, донесе одлука за промена на досегашниот модел на субвенционирање, со цел да се стави фокус на стратешкото производство, како и поддршка за лозарството, градинарството и сточарството и поддршка за зголемен рурален развој.

Министерот Николовски се осврнал и на тоа дека веќе од оваа година започнува примена на европскиот decoupling модел, кој претставува прогресивна ЕУ политика.

– Го напуштаме стариот модел на субвенционирање според обработлива површина, без земјоделците да прикажат дали оствариле производство и колку. Сега фокусот го ставаме на произведена количина, пришто целокупното производство мора да биде предадено во домашни капацитети. При тоа, земјоделците ќе треба да прикажат принос по хектар и доказ дека производството е предадено кај регистрирани откупувачи, трговци и преработувачи, или пак го користат за сопствени потреби, доколку се регистрирани за продажба од куќен праг, преку системот на АХВ. Со ваквата контрола, дали и каде е предадена произведената количина, се ставаат во систем сите, и производители и трговци, откупувачи и преработувачи, со што се намалува протокот на готовинско плаќање и сива економија, се зголемува обемот на контрола, се овозможува брза исплата и се постигнува крајната цел – повеќе домашна храна, појаснил министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Новиот модел на субвенционирање, подвлекол, цели кон градење на стратешки пристап за поттикнување на економскиот раст и зголемување на продуктивноста во земјата, преку градење на долгорочна сигурност во однос на обезбедувањето на храна и модернизирање на земјоделскиот сектор, во функција на зголемување на продуктивноста, како еден од четирите приоритети на Рамката за развој МКД 2030.

Новиот модел за субвенционирање, истакнал Николовски, дава решение за сите констатирани слабости. Тој ќе овозможи брза исплата на субвенциите со фокус на стратешките култури и за нив е предвидена поголема поддршка.

– Сите земјоделци ќе продолжат да добиваат основна субвенција за да можат и понатаму да произведуваат, а исплатата ќе биде за реколтата од тековна година. Со тоа ќе постигнеме редовна и брза исплата која ќе се завршува во една календарска година и нема да генерира долгови. Она што е новитет е дека дополнителни субвенции повеќе нема да има за сите, туку само за стратешките култури. Всушност, тоа е значењето на decoupling моделот, да се одвои и приоритизира стратешки важното производство од другото земјоделско производство кое има значаен економски импакт, но не е од стратешки интерс за државата, појаснил министерот Николовски.

Освен новиот модел за субвенционирање, се воведуваат и нови програми со кои ќе се јакне руралниот развој, па така Програмата за рурален развој ќе прерасне во инвестициска програма во која се воведуваат многу нови мерки и целосно се става на располагање на малите земјоделци, додека за оние поголемите стопанства, на располагање се мерките од ИПАРД програмата.

Според Николовски, ние сме лидери во регионот по искористеност на средствата од ИПАРД и со исто темпо продилжуваме и со ИПАРД 3. Европската комисија, информира, ја зголеми поддршката за Северна Македонија од 60 на 90 милиони евра и сега вкупно на располагање имаме 210 милиони евра, кои ќе бидат директно инвестирани во агросекторот.

Министерот Николовски упатил благодарност до деканот на ФЗНХ, Вјакослав Танасковиќ за организацијата на еден ваков симпозиум, кој се одржува во момент кога светска топ тема е производството на храна и искажа задоволство за одржувањето на уште едно успешно издание на Симпозиумот за земјоделство и храна ISAF 2022.