Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска заедно со директорката на Државниот инспекторат за труд, Весна Томовска и тим од инспектори, денеска излегле на терен за време на забрана за работа на отворено, како активност преку која треба да се увиди почитувањето на мерките од портокалова фаза.

За време на теренските активности Тренчевска заедно со Томовска почитувајќи ги сите протоколи за пристапување на градилиште, ненајавени посетиле две градилишта во Општина Кисела Вода и на истата локација било констатирано и изведување на градежни работи – нискоградба, асфалтирање на улица во време кога е забрането работа на отворено.

– Имено, кај работодавачот АД Гранит за време на забрана за работа на отворено група на работници асфалтираа улица, а дел од нив беа и на возраст од над 60 години. За утврдените неправилности во делот на неприменувањето на препораките на Владата за работа на отворено во услови на топлотен бран изречена е усна забрана за вршење на дејност во периодот од 11 до 17 часот која ќе се потврди со писмено решение, соопштија од Министерството за труд и социјална политика.

Првата посетена локација од страна на тимот била на градилиштето каде градежните работи ги изведуваа  работодавачот ДООЕЛ Трим и Лум, каде на местото било констатирано дека се почитуваат мерките во однос на топлотниот бран, но инспекторите нотирале дека градилишето е необезбедено за безбедна работа и дека ќе биде предмет на повторен инспекциски надзор како би можело да се изрече инспекциска мерка за отстранување на неправилностите.

На второто градилиште, се посочува во соопштението, станбено деловен објект каде  инвеститор и главен изведувач е работодавачот „Дабар ДООЕЛ“ – Скопје било констатирано  непочитување на мерките за безбедност и здравје при работа од аспект на необезбедена колективна заштита на работниот простор, за што е издадена инспекциска мерка- решение забрана за вршење на работа во небезбедниот простор.

– Од страна на инспекторите кај работодавачот Феромонтинг ДООЕЛ Скопје  изречена е усна забрана за необезбеден пристап до работните места. Исто така, кај работодавачот ДООЕЛ АС МОНТ затекнати се и работници кои се без регулиран работен однос согласно законските одредби за што ќе биде изречена инспекциска мерка наредба работодавачот за затекнатите лица да заснова работен однос, односно да склучи договори за вработување и да ги пријави во задолжително социјално осигурување, појаснуваат од Министерството.

Според министерката Тренчевска, Владата носи мерки за доброто на граѓаните и истите треба да се почитуваат. Таа истакнала дека здравјето и добросостојбата на работниците за Министерството за труд и социјална политика е на прво место и оти тоа е причината што министерката одлучила да биде на терен денеска.