Фудбалската федерација на Македонија официјално го промовираше Благоја Милевски за селектор на македонската А репрезентација.

На денешната прес-конференција,претседателот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Мухамед Сејдини во име на „Куќата на фудбалот“ му посака честитки и искрени желби за успех. Првиот човек на македонскиот фудбал истакна дека целите со новиот селектор се пласман на следното Европско првенство 2024 година.

– Вашето знаење, вашата страст и искуство несомнено ќе има важно влијание на развојот на фудбалот во Македонија. Доаѓаш на позицијата селектор на најдобрата наша репрезентација потполно подготвен за нови успеси и нови победи.

Ти си човекот кој го регенерираше македонскиот фудбалски крвоток, создаде неверојатна група на фудбалери кои зад себе веќе имаат настап на две Европски првенства, младинско и сениорско и сигурни сме дека тој пат мора да продолжи.

Македонската репрезентација веќе покажа дека има сила и квалитет. Сега е најважно да покажеме силен карактер и повторно да ги радуваме нашите навивачи.

Ви посакувам среќа и успех во сите предизвици кои се пред вас и трудете се да создадете трајно наследство за иднината на фудбалот во Македонија.

Јас и Управниот одбор на Федерацијата сме убедени во потенцијалот на фудбалерите и можете да сметате на наша целосна поддршка во остварување на целите, истакна претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини.