Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешната дебата на тема „Економски принципи“ која е во рамки на настанот „Важно е! Платформа за иднина“ што е дел од кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените“, истакна дека доколку дојдат на власт ќе ги зголемат пензиите линеарно за 5 000 денари и ќе обезбедат 250 милиони евра годишно за општините за капитални инвестиции.

Мицкоски во своето обрќање ги стави во фокус пензионерите за кои рече дека заслужуваат линерано зголемување на пензиите.

-Сакам да ги споменам пензионерите кој што ги гледаме со месеци буквално измрзнати, гладни чекорат по плоштадите и улиците барајќи правична распределба на средствата од буџетот, барајќи линеарно зголемување на пензиите кои што тие во оние средби кои што јас ги имав со нив изминативе два месеци го поставија тој праг на околу 5.000 денари, истакна Мицкоски.

Тој најави дека доколку дојдат на власт еден од прироитетите ќе бидат капиталните инвестиции.

-Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе обезбеди 1 милијарда евра во четиригодишен мандат или 250 милиони годишно за општините за капитални инвестиции, ќе покажеме дека не се сите исти. Проектот кој ВМРО-ДПМНЕ има намера да го аплицира, тоа е проектот да обезбедиме 250 милиони евра годишно од централниот буџет за инвестиции капитални во општините за основни потреби. Затоа што овие од безрбетници кои ја понижија и опљачкаа Македонија устата им е полна со Европа, но некако граѓаните во Македонија ги немаат можностите да ги имаат основните услови за живот, изјави тој.

Мицкоски истакна дека сега со моменталната Влада недостасувале водоводи, канализација, асфалт, училишта и градинки.

– Нашиот пристап ќе биде спротивен на нивниот, да интеграциите на Македонија во Европа, но приоритет се нашите граѓани. Тие се нашиот суверен, тие ни ја даваат довербата и ајде да видиме сега кои се нивните потреби и ние од централниот буџет да инвестираме да можат тие пари потоа да ги обезбедат основните потреби за нашите сограѓани, потенцираше Мицкоски.

Нагласи дека ќе инвестираат во секоја општина без разлика дали е водена од градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ или не.

– Ние нема да бидеме влада која ќе инвестира само во општините каде што се градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, туку планираме да бидеме влада која ќе инвестира на целата територија без разлика од која политичка партија е градоначалникот или пак е независен. Новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ планира веднаш половина од оваа сума во 2024 година да инвестира и цела сума во 2025 година. Тоа ќе биде еден од водечките проекти, да ја доближиме работата владата до секој наш граѓанин. Перцепцијата кај народот сега е дека сите се исти, да ја смениме таа перцепција, да може граѓаните го почувствуваат бенефитот од работата на владата, рече Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ најави дека планира интервенција во данокот на добивка кој што ќе важи за сите компании, како за македонските така и за странските кои што своите профитни центри или седишта ќе ги донесат во државата.

-И тука би сакал да дадам една најава, планираме сериозно да интервенираме  во данокот на добивка и тоа за секоја компанија, без разлика дали е домашна. Можеби компанија која што ќе дојде од Европа и светот, која што својот профитен центар или седиште ќе го донесе во Македонија, за деклариран профит до 20 милиони евра данокот ќе остане ист, 10 отсто, нормално, ако е реинвестиран 0 проценти. Ако пријави профит околу 20 и 30 милиони евра, данокот ќе биде 8 проценти, од 30 до 50 милиони евра ќе биде 6 проценти, а над 50 милиони евра данокот ќе биде 5 проценти, со што Македонија ќе се профилира како држава со најнизок данок на профит. Затоа ги повикувам, не само домашните компании, туку и компаниите во регионот, во Европа, па и во светот своите профитни центри да ги префрлат тука, во Македонија и  да заштедат во својот бизнис средства кои што ќе им бидат потребни понатаму да го развиваат својот бизнис, рече Мицкоски.