Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска од тетовско Прељубиште ја повика Владата да одговори зошто го одбива неговиот план за справување со енергетската криза.

Лидерот на опозицијата посочи дека планот е можност да се обезбеди стабилно производство на електрична енергија за домаќинствата и за индустријата но, исто така и затоплување на објектите и домовите кои се корисници на централното греење во Скопје.

– Зошто одбива да заштеди 300 милиони евра, зошто одбива да има поголемо домашно производство на електрична енергија, зошто одбива да има поголем Бруто домашен производ, зошто одбива да нема зголемување на сметките за затоплување и за струја. За тоа одговор треба да даде Владата, можеби е повторно некаков тендер во прашање, некакви бизнис зделки, некој договор во четири очи, рече Мицкоски.

Одговарајќи на новинарско прашање во врска со повикот за дуел со Ковачевски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека опоненетите повторно молчат и повика уште еднаш на дебата.

– Го повикувам и сега од овде да не дезертира бидејќи тоа му е вообичаена пракса, да излеземе и да се соочиме пред граѓаните и тие нека одлучат кој ја говори вистината, а кој не, рече Мицкоски, повторувајќи дека дебатата може да биде на било кој медиум и во било кое време.